Клуч на хируршките сали, лекарите ќе примаат пацинети на кои им е животот во опасност. Вода само за пиење, но не и за стерилизација. Водовод ќе испраќа цистерни. Ова е првичиот план на болнците за викендот, откако градот најави дека ќе го затвори главниот вентил за да го промени, откако попушти во Општина Карпош. Од заедничките служби на Клинички центар, пак, порачуваат да се одложат ургентните случаи.
„За потребите на перење веш и стерилизација, клиниките нема да добиваат услуга. Ќе се користат претходно подготвените залихи. Ќе препорачаме до Клиниките во тој термин да се прилагодат на новонастанатата состојба, т.е да се одложат сите итни операции кои бараат снабдување со вода, ладна и топла“, информираат Заеднички служби на Клинички центар.
Иако побаравме од надлежните да излезат со конкретни детали и да ја информираат јавноста, не прифатија да дадат изјава. За одговори не препратија во дежурно-информативниот центар. Од таму велат дека цистерни со питка вода ќе бидат стационирани пред сите болници, но не знаат колку возила ќе бидат на располагање. Граѓаните се жалат дека ја плаќаат услугата, но навремено не добиваат информации. Веста дека во сабота поголем дел од главниот град ќе остане без вода, полека ги празни рафтовите со вода во маркетите.
На граѓаните од Ѓорче Петров, почнувајќи од кружниот тек кај СП Планет, потоа од Влае, Карпош, Тафталиџе, Водно, Центар, Кисела Вода, Драчево, Пинтија, 11 Октомври, Лисиче, Ново Лисиче, Аеродром, Автокоманда (ниска зона), како и жителите на Зелениково и на Студеничани, им остануваат два дена да се снабдат со резерви со вода.
Претходно од Водовод соопштија дека прекин со водоснабдување ќе има се додека не се санира дефектот, но се надеваат дека санацијата би завршила најдоцна до недела. Проблемот на улицата „Никола Парапунов“ во скопски Карпош трае повеќе од две недели, а надлежните кроеја оперативен план како да го санира дефектот.
Симона Петровска