Вести Македонија Топ вести

Заврши партиската стража на ДУИ пред Уставен – партиите и денеска „ги скршија копјата“ околу Законот за употреба на јазиците

Заврши партиската „стража на јазикот“ на ДУИ пред Уставен. И денеска се појавија партиски функционери, зборуваа во име на албанскиот народ и порачаа дека ја отфрлаат секоја одлука на судот којашто значи продолжување на процесот на укинување на Законот за јазиците.

За интегративците е недозволиво Уставен да одржува седници во моноетнички состав.

На собирот на ДУИ денеска се обрати и лидерот Ахмети, зборувајќи само на албански јазик.

Пораката на тројцата уставни судии од етничките заедници, со нивното неприсуство беше доволен сигнал за седницата да прекине веднаш. Ваквите моноетнички состанувања или седници секогаш биле најава за лоши периоди во мултиетнички држави. Единствената праведна одлука којашто требаше Уставниот суд денеска да ја донесе е да ги отфрли сите тринаесет иницијативи и да се затвори ова прашање, кажа Бујар Османи, потпретседател на ДУИ.

Шаторите веќе се демонтирани од пред зградата на судот. Но, и да останат – сенката нема да го покрие срамот и криминалните дела на ДУИ од минатото. Ова го порачаа нивните политички противници од власта.

Тоа што го прават интегративците нема никаква врска со Албанците и Вреди нема да дозволи народот да биде штит за криминалите на ДУИ, кажа пратеникот Ријад Шаќири.

Додаде дека албанскиот јазик и понатаму ќе остане дел од институционалното функционирање.

Раководството на ДУИ знаеше дека денеска ништо нема да се случи и намерно создадоа атмосфера на етнички тензии, оценија од ВМРО-ДПМНЕ.

Се работи за политичка групација чијашто цела структура со години беше целосно ангажирана во служба на двајцата братучеди Груевски и Мијалков. Ова веќе се потврди од стратешкиот сојузник на Албанците, САД. Па сега, тие ли ќе го бранат албанскиот јазик, кажа Ријад Шаќири од коалиција Вреди.

 

ДУИ намерно креира постојана атмосфера на етнички тензии. Тоа го прават кога ќе се соочат со предизвици и со проблеми заради криминал. А, на тој начин сакаат да одвлечат внимание, кажа Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Со писмена реакција денеска се јавија и од Социјалдемократскиот сојуз. Уставниот суд мора да донесува правно издржани одлуки без притисоци и политички влијанија, велат оттаму.

Остро ја осудуваат политизацијата и манипулациите со чувствителни прашања кои се закана за стабилноста и соживотот.

Секоја измена во Законот за употреба на јазиците да биде во согласност со препораките на Венецијанската комисија, е ставот на СДСМ.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Расте бројот на заразени со грип, но во рамки на очекуваното за овој период од годината

Дејан Дејан

Бизнис секторот бара Уставен да го поништи солидарниот данок и парите да им се вратат на компаниите

Дејан Дејан

Лиценците во детската заштита ќе се издаваат на македонски јазик – ако некој побара, ќе добие и на албански

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе