Речиси една недела на улицата „Никола Парапунов“ во Карпош 4 се вози по импровизиран базен. Вода со денови тече по оваа улица на што реагираат и жителите кои живеат на ова место.
„Се јавивме и кажавме, дојде една екипа и само ставија метални плочи одозгора. Имало многу работа, требало неколку багери да ставаат и вадат земја, но до денеска ништо не преземаа. Ова е питка вода се трошат тони. Светот страда за свежа вода, а ние ја трошиме вака“, заклучува жител.
„Ова е голем проблем, вака не личи. Мислам дека треба да се санира. Да дојде некој надлежен и да го направи ова“, додава друг жител.
Од Водовод веќе неколку дена велат дека работат на план за тоа како да се санира овој дефект за кој велат дека е сериозен и голем и се случува еднаш на 50 години.
Пред неколку дена за Телма во телефонска изјава соопштија дека проблем е затворач кој е врзан за главниот цевковод од каде со вода се снабдуваат две третини од жителите на главниот град.
Кога ќе треба да се санира овој проблем надлежните велат дека скопјани ќе мора да останат без вода подолго време. Надлежните сè уште работат на планот како ќе се санира дефектот и наскоро жителите ќе бидат известени.
И додека се чека надлежните во Водовод да почнат со интервенција секојдневно на ова место се губат големи количини вода низ која поминуваат возила.
Регулаторна веќе подолго време бара под нејзини ингеренции да влезе и цената на водата за пиење, а не како досега да предлага само најниска и највисока цена а потоа крајната да ја носат советите во општините. Од РКЕ велат дека се потребни секаде нови инвестиции и дека има места каде сè уште има бунари за вода во 21 век. Најзагрижени се за процентите за загубите на вода кој надминуваат 60 отсто.
Тамара Марковска