Возило од обезбедувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши претпладнево излетало на магистралниот пат Охрид-Кичево, во близина на селото Ново село, Општина Дебрца, соопшти СВР Охрид. Тие се во добра здравствена состојба, но ќе бидат задржани во болница.
Случајот го потврди спикерот Гаши, при денешната посета на пратеничките канцеларии за контакт со граѓаните во Охрид посочувајќи дека лицата се во добра здравствена состојба, но вечерва ќе бидат задржани во болница.
Според информацијата, во 10:45 часот во СВР Охрид било пријавено дека на магистралниот пат Охрид – Кичево, во близина на селото Ново село, Општина Дебрца, излетало од патот патничко моторно возило „Сеат алтеа“, сопственост на Министерството за внатрешни работи, управувано од Ј.Л. (37), во кое сопатници биле И.Б. и Б.М, сите полициски службеници.
„По укажаната помош на местото на настанот од екипа од Итната медицинска помош, тие се пренесени во болницата „Свети Еразмо“ во Охрид“, стои во соопштението.
По наредба на Јавен обвинител, увид на местото на несреќата извршиле полициски службеници од Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид.