Секое чествување на Свети Климент Охридски го отвора горливото прашање дали доволно се грижиме за историското, културното и духовното наследство. На кое ниво е самото образование и општата култура на младите луѓе. Што е она кое им го оставаме на идните генерации. Важно е да имаме јасни критериуми кои ќе ги посочат причините и ќе понудат соодветна методологија за да го разбудат интересот на младите, велат филолозите и историчарите.
„Да не се знае Свети Климент Охридски, да не се знаат Свети Кирил и Методиј, тоа е како да не се знаеш себеси. Тоа е голем пропуст доколку го нема во свеста на учениците. И тука треба претпоставувам сите општествени чинители, сите интелектуалци, наставници да се борат да внесат повеќе знаење на учениците“, изјави проф. д-р Митко Панов од Институтот за национална историја во Скопје.
Загрижувачки е фактот дека новите генерации многу малку знаат за нашето културно наследство, за Климент Охридски кој се истакнал со својата образовна дејност и ја проширил на сиот словенски свет, не само на овој тесен регион, вели професор Црвенковска.
„Денеска не можеме да бидеме задоволни со оваа состојба, затоа што гледаме какви се податоците за образованието на нашите ученици. Треба да се почне можеби со некои поприлагодени програми за современо време, некои методи кои полесно ќе ги усвојат децата за да се подигне писменоста и воопшто сознанијата за нашето културно наследство, затоа што и за Климент Охридски, многу малку се упатени, а не па за другите работи“, изјави проф. д-р Емилија Црвенковска.
Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје денеска беше одбележан патрониот празник кој годинава е во знакот на 80-годишнината од нејзиното основање. Воедно, по пауза од седум години, беше возобновена традицијата на научна средба, годинава на тема: „Силината на словото на Свети Климент и македонското историско, културно и духовно наследство“.
„Повеќедецениската системска негрижа за оваа институција, многу пати нас како колектив нè оставаше „на забот на времето“ и нè доведуваше до нефункционалност и неможност за нормално функционирање на библиотеката. Меѓутоа, лошите времиња ги оставаме зад себе. Продолжуваме натаму, полни со елан, мотивираност и енергија“, изјави Јовица Никчевски, директор на НУБ „Св. Климент Охридски“.
Во рамки на свеченоста беше промовирана Библиографија на изданијата на НУБ „Св. Климент Охридски“, а беа доделени и традиционалните јубилејни награди за вработените во библиотеката и за пензионираните работници во текот на 2024 година.
Нина Стефанова