Проблемите со јавниот превоз во Скопје произлегуваат од многу фактори, но решенија можат и мораат да се најдат, согласни се советниците во Град Скопје во вечерашната Топ Тема на Телма, посветена на лошите состојби во главниот град.
Проблемот според мене е во лошото менаџирање на јавното претпријатие ЈСП Скопје, на тој менаџмент таму и на градоначалникот на Скопје, инсистираше координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ Мартин Стојановски.
„Не можете како градоначалник да го оставите градот Скопје да нема автобуси, тоа е главниот крвоток на градот и најголемиот дел од граѓаните на Скопје ги користат тие автобуси, секојдневно. Верувајте дека граѓаните коишто живеат надвор од Скопје имаат големи проблеми од немањето на автобуси, како ќе стигнете вие 15 километри од приградските населби ако работите во центарот на Скопје, не можете никако да дојдете ако нема автобуси. Решението на владата за кризна состојба беше одлично, секако сите колеги советници го поздравивме тоа решение, тоа се знае дека е на краток период, но тоа не е подарување на дел од тие државни резерви, тоа е само позајмување на дел од државните резерви, кои Градот Скопје по објавувањето на тендерот треба да ги врати“, рече Стојановски.
За д-р Пановски, советник од редовите на ЛДП, најмал проблем е враќањето на горивото во државните резерви. Нафта има, потенцираше тој, но нема пари.
„Прашањето е дали има пари и зошто нема, тие информации треба да ги добиеме, каде одат тие средства. И треба да се пресмета, ако навистина се работи како што треба, да се види. Факт е дека картата е ниска, некој треба да субвенционира, да се влече 5 години прашање дали студентите има право бесплатно да се возат, а тие се возат, факт е, никој не ги брка од автобусите, имаат картици а никој за тоа да не плаќа, тоа треба да се разреши. Бидејќи тука се вклучени и претходната влада и оваа, уште тече тоа, дали се 8 милиони или не, не се малку пари“, рече Пановски.
Осврнувајќи се на протестите на приватните превозници, Пановски посочи дека договорот со нив е на 2 години, и тие ја прифатиле оваа цена, која сега бараат да се покачи.
„Со приватните превозници има договор на 2 години, оваа цена ја прифатиле. Колку што знам не пишува дека ќе се менува надомест по километар, ако се менува значи треба анекс да се стави, а тие веќе 4 месеци не возат, односно возат како ќе им текне, редуцирано. Е сега јас не знам дали за тоа им се плаќа редуцирано, нема да им се плаќа, значи ништо не знаеме, и тоа е уште еден проблем за кој баравме одговор“, рече Пановски.
Координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева, исто така е согласна дека е неопходна промена на цената, но тоа не може да биде покренато од Советот, затоа што предлозите ги поднесува градоначалникот.
„Факт е дека приватните превозници имаат активен договор кој што важи до 2025 година, кој што нив ги обврзува, а не нас. Значи нив, договорот им е со ЈСП, и претпоставувам дека мораат да го почитуваат. Замолницата од приватните превозници беше до членовите на Советот да издејствуваат носење на одлука што не е така, предлог одлуките ги прави градоначалникот, и тука можеби се изгубија неколку месеци“, рече координаторката на советничката група на СДСМ.
Факт е дека Град Скопје не може сам да ги набави автобусите, но можеше да биде отпочната постапката, посочи Јанчева. Таа смета дека требало да се продолжи со имплементирањето на проектите од претходната градска администрација.
„Неподдршката на веќе готовиот проект за БРТ, за кој што веќе има одобрено средства, во кои што средства е пресметана и набавката на 60 еколошки автобуси. Е сега ако ги земеме и 30 еколошки автобуси кои што се набавени пред неколку години, и овие 60, имаме условно кажано 90 нови автобуси, тоа е една третина од потребната флота на ЈСП која треба да циркулира низ град Скопје“, смета Јанчева.