Вести Македонија

Топ Тема: Колку партиската воинствена реторика поттикнува раздор?

Полицијата забранувајќи го нормалното славење ја започната целата драма којашто трае изминативе неколку денови, порача потпретседателот на ДУИ Бајрам Реџепи во вечерашната Топ Тема на Телма. Тој ги критикуваше премиерот и владејачкото мнозинство дека тоа што ја обвинуваат ДУИ дека подготвува дестабилизација на државата како опасен и аматерски потег.

Не од било кои членови на владата, туку од самиот премиер имаше обвинувања дека ДУИ подготвува дестабилизација на државата, замислете колку други чинители што сакаат да прават такви работи би се осудиле да го направат тоа. Тоа е неверојатно и многу аматерски од владата и не треба да се случува. Ако некој има било каква информација не треба тоа да се сподели со јавноста, тој како премиер треба да реагира. Тоа прави проблем во државата, замислете сега некои фактори кои сакаат да го искористат тоа, кога веќе премиерот рекол дека ДУИ е чинителот на таквите дестабилизациони дејствија. Мене веднаш ми беше јасно и беа предвидливи вакви настани во државата, рече Реџепи.

Како ќе одат во фаза на процесуирање определени дејства, на определени ваши другари од Мала Речица, му реплицираше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Пренџов, така некои ќе стануваат се понервозни, така и вашата реакција ќе биде понервозна во оваа дискусија.

Но, ако вие сметате дека е полицијата виновна што отишла и привела некој затоа што пукал на раскрсница, или затоа што палел национално државно знаме, тоа покажува зошто и што се случило. Овие теми кои што ги зборувате овие неколку месеци овие теми ги затворивте, кога станавте зелена партија, тогаш кажавте дека сите етнички проблеми ДУИ ги затвора и ќе зборува за зелена агенда. Ништо не се враќа, единствено вие отидовте во опозиција и ќе останете долго време, му рече Пренџов.

Ние имавме еден огромен, долг процес на демонизација на ДУИ, обвини Реџепи, а преку тоа се сатанизираа и Албанците затоа што ДУИ беше главниот претставник на Албанците во државата, но дури и во прислушуваните разговори се видело што се партијата направила за државата и Албанците.

Тоа е многу злобно за државата кога тоа се прави со закани, видовме денеска дека претседателката на Судскиот совет даде оставка со образложение дека имала огромен политички притисок. Тоа е многу лошо за државата, значи кога се сака да се контролира сѐ, и кога се сака вака со закани и со притисок да се држи власта тоа веќе е почеток на воведување тоталитарна власт во државата, што ние не би сакале никогаш да го видиме, рече Реџепи.

Потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова оцени дека граѓаните во Македонија отсекогаш биле разумни, и тоа се докажало изминативе денови. Но, продолжи таа, има и една категорија на граѓани кои понесени од општествено-политичките односи во државата, нема да знаат до каде е границата и на ваков начин ќе ги изразуваат своите чувства.

Ние добивме констатација од страна на владејачката партија дека СДСМ, заедно со ДУИ се одговорни за настаните, за сега да слушнеме дека ќе има правда, дека ќе има лица коишто се одговорни со име и со презиме. Зошто не почекаме да видиме кој бил одговорен па потоа да кажеме и да лепиме етикети на некого. Зошто однапред ја префрламе вината на некој друг. Дали правиме разлика, или дали прави владејачката структура разлика дека одговорноста е на оние коишто ја управуваат државата, рече Шукова.

Пратеничката на ВРЕДИ, Саранда Имери, посочи дека не само од надворешните влијанија, туку културата потекнува од домот. Националностите во Македонија докажале дека се цивилизирани и дека можат да живеат заедно.

Како ние ќе ги воспитаме нашите деца, како да се однесуваат со своите сограѓани, до кој степен и до која граница можат да одат. Значи, уставно право ни е да учиме на наш јазик, да ги славиме нашите празници, но има одредена граница каде што не загрозуваме никој друг и не им пречиме на другите. Значи, ние како општество кога ќе почнеме да размислуваме откако ќе излеземе од дома да го чуваме и тоа што е надвор од нашите домови, мислам дека ќе ја достигнеме таа зрелост, рече пратеничката Имери.

Се работи за малолетници, кои можеби во еуфоријата и не размислиле во тој момент што прават,  продолжи Имери посочувајќи дека вакви работи се случуваат и низ другите држави каде што демократијата е на повисоко ниво. Добро е што виновниците имаат и име и презиме и треба да се води истрага и за малолетниците, па и за полицајците, констатираше таа.

Пренџов порача дека политичарите имаат одговорност кога се обраќаат во јавноста и мора да внимаваат дека тоа што ќе го кажат може да има последици врз односите меѓу граѓаните/

Политиката мора да разбере една работа, дека ние не се согласуваме за многу работи, дека по силата на нештата се гледаме секој ден во Собрание, без разлика дали сакаме или не сакаме и дискутираме, и можеби после месец, два, три или година за некои работи ќе се согласиме. Мора многу да се внимава на кој начин се разговара во јавност бидејќи граѓаните, за разлика од нас, не мораат да се гледаат секој ден, и не значи дека ќе се усогласат после 1 година или 5, и тоа може да има трајни последици по нивните меѓучовечки односи. Затоа политиката и јавно кажаниот збор на политичар има особена тежина и треба многу да внимава, независно колку му е тешко од тоа што е во опозиција и независно колку е исплашен од тоа што следи, рече Пренџов.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Стоиљковиќ: Службеното БМВ личи на искубана кокошка

Дејан Дејан

Инцидент во Белград: Со автомобил влетала во насобраните граѓани и удрила студентка

Дејан Дејан

Реки народ низ српските улици – Генерален штрајк во земјата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе