По повиците за помош на граѓани кои биле заглавени во автомобили во мавровскиот регион, кај Бунец, било испратено специјално возило со плуг, информираат од Центарот за управување со кризи. Од таму велат дека за состојбата биле информирани и Јавното претпријатие за државни патишта и Општина Маврово и Ростуше.
Во телефонски разговор за Телма патниците велат дека имало колона од 20-тина возила и дека чекале со часови, затоа што на коловозот има неисчитен снег и возилата не можат ни да се разминат.
Патот од Бунец кон Радика не е исчистен и е непрооден за повеќето возила. Голем број возила, меѓу кои има семејства со мали деца, се заглавени на патот и чекаат помош. Има делови каде што заглавуваат заради неисчистен снег или не можат да се разминат со друг автомобил, поради што прави дополнителен застој. Од Македонија пат ни рекоа дека ќе дојде помош, но не знаат кога, а од ЦУК дека исконтактирале со надлежните вели заглавен граѓанин
И граѓаните кои денес се вратија од мавровските села, кои иако имаат теренски возила, велат дека патните правци се тешко проодни.
Механизација за чистење на снегот на патот кој води кон селото Луковица, општина Желино е испратена дури денес. Поради врнежите од снег за време на викендот беше непрооден, па викендашите, но и постојаните жители останаа заглавени таму. Во селото има снежна покривка од 20-тина сантиметри, но проблемот е во делот на патот кој е на повисока надморска висина, кон месноста Крстец, каде има повеќе снег.
Од Центарот за управување со кризи велат дека состојбата полека се стабилизира. Механизација е испратена и на местата и на патните правци кои беа непроодни.
Од АМСМ информираат дека на патниот правец Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за тешки товарни возила, а за останатите возила задолжително користење зимска опрема, ланци. Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од снег.
Данијела Билбилоска