Поранешната сала за свадби во Визбегово нема да биде седиште на Државна Лотарија откако владата го раскина повеќемилионскиот договор со фирмата Хеј која е во сопственост на Асир Јахоски сопственик на Пуцко Петрол и син на пратеникот од ДУИ.
Досега според информации на Телма, неколку стотици илјади евра се исплатени како кирија за објектот кој беше изнјамен во време на директорувањето на Перпарим Бајрами, кој стана прв човек на Лотарија откако претходно работеше во Министерството за политички систем предводено од Артан Груби.
Раскинувањето на договорот ќе се допрецизира од владините служби, а Мицкоски смета дека треба да се проверат и сомнежите за тешки кривични дела во случајот.
Лотарија во време на претходната влада важеше за бастион на ДУИ, а со фирми донатори на ДУИ, Лотарија склучуваше договори и јавни набавки и плаќаше големи суми на тие тендери.
Од Еуровиа, најголем донатор на ДУИ во 2022-ра, лани беше изнајмен дуќан во центарот на Скопје и се направи нова база со апарати за коцкање.
Мицкоски во тие зделки не ги разделува поранешните коалициони партнери во владата за одговорност при финансиски злоупотреби.
Лотарија го склучи договорот за Визбегово лани во јуни и за 10 години треба да плати 2,6 милиони евра за изнајмување на просторот за десет години.
Објектот познат по свадби беше во рамките на периметарот од 5 километри од центарот на Скопје, што беше еден од чудните тендерски услови при изборот на фирмата Хеј.
Два месеци по потпишување на договорот, Јахоски од Пуцко Петрол ја купи фирмата Хеј сосе големата зделка со Лотарија.
Седиштето на фирмата се наоѓа во Карпош, во зграда на Партизанска која е во сопственост на Пуцко Петрол и на иста адреса со фирмите на Куштрим Смајлај, зетот на лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Миомир Серафиновиќ