Војната во Украина го зема данокот и од македонската индустрија. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека прометот во индустријата во првите седум месеци од годинава е за над 13 отсто понизок од минатата година. На домашниот пазар речиси и да нема промени, но прометот на странските пазари е намален за скоро 17 проценти.
Домашните стопанственици велат дека војната во Украина предизвика економски удар врз европските земји, кои се најголем пазар за македонската индустрија. Сега тие помалку трошат и ги намалуваат нарачките и од Македонија.
Прометот на храна и пијалаци е зголемен, но во многу области од преработувачката индустрија е намален. Кај облеката, падот е над 10 отсто, а кај производите од кожа, дури 30 отсто.
„Полесно е да се откажете од купување на гардероба отколку да се откажете од храна, што е малку потешко. Најголемите трговски партнери, особено во Германија, се сите случувања околу војната во Украина, предизвика намалување и на нашите нарачки. Нашите компании сега се пред една дилема дали да продолжат да работат со намалени цени, само за да се одржи производството, или да отпуштаат работници и да се намали обемот на производство“, вели Ангел Димитров од Здружението на текстилната и кожарската индустрија во Стопанската комора на Македонија, вели Ангел Димитров, Здружение на текстилната и кожарската индустрија.
Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија Трајан Ангелоски вели дека војната во Украина наруши многу синџири на снабдување, некои индустриски гранки во Европа беа сериозно погодени, па или се намалени нарачките, или се намалуваат цените поради помалата побарувачка.
„Како едно наравоучение од целата оваа ситуација е дека нашата економија треба да ги диверзифицира пазарите. Добро е ние да бидеме врзани со ЕУ, ЕУ е битен пазар за нас, но не смее да биде единствен пазар“, вели претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија Трајан Ангелоски, вели Трајан Ангелоски, Сојуз на стопански комори на Македонија.
Сепак, кај производството на облека и обувки, наоѓањето на нови пазари е речиси невозможно, затоа што во најголем дел се работи за лон производство за европски брендови, каде што само работната рака е македонска.
Срѓан Стојанчов