Долгогодишниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, е назначен за национален координатор за демографија, млади и човечки ресурси. Ѓорчев беше пратеник од 2006-та до 2020-тата. Правник по образование, Ѓорчев формираше и консултантска фирма пред 3 години. Во мандатот како пратеник исто така се залагаше и предупредуваше за намалениот природен прираст на населението.
Во неколку изборни циклуси беше партиски гласноговорник на изборните резултати и постојано пред јавноста ги редеше значајните победи на неговата партија. Ѓорчев е и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
И неговата колешка од Собранието, екс пратеничкага Лилјана Затуроска е избрана за национален координатор. Затуроска, која е битолчанка по раѓање, а архитектка по образование ќе биде национален координатор за локална самоуправа.
Затуроска беше пратеничка од 2008-ма до 2020-тата. Беше и генерален секретар на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ до 2018-ма кога поднесе оставка за време на внатрепартискиот судир на раководството и Мицкоски со крилото на Сашо Мијалков.
Верче Мицевска е именувана за национален координатор за безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика. Таа има работно искуство во Агенцијата за храна и ветеринарство, а во 2021-ва е избрана за претседател на Совет на општина Илинден откако стана советничка преку партиската листа на ВМРО-ДПМНЕ.
Досега, владата ги назначи и Павле Трајанов за национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, Блерант Рамадани за национален координатор за примена на нови технологии и Солза Грчева за национален координатор за реформи во високото образование.