3,934 штркчиња се изведени во Македонија според последниот попис на штркови.
Ова покажува зголемувања од 49 отсто во однос на последниот попис во 2014.
При истражувањето во Македонија вклучени биле над 15 членови и волонтери на МЕД, а евидентирани се вкупно 1765 гнезда на штркови (1388 активни гнезда и 389 неактивни гнезда – односно гнезда во кои не се извеле млади, биле гнезда за спиење на штрковите, или имало само една возрасна птица).
Како региони со најмногу гнезда на штркови се издвојуваат Пелагонија (541 гнездо) и Овче Поле (326 гнезда).
Соодветно на бројот на гнезда, Пелагонија има најголем број на млади штркови – вкупно 1.170, што претставува еден од најважните региони за штрковите во Македонија, следено од Овче Поле и Кочанско Поле со 707 млади птици, додека Долно Повардарие и Радовишко – Струмичка Котлина, исто така, имаат висока бројност на млади, – со 367 и 545 соодветно.
Трите села во најмногу гнезда од штркови се Стојаково – 53 гнезда, Богородица – 45 гнезда и Росоман – 41 гнездо.
Најголем број на гнезда се наоѓаат на бандери (околу 76% од сите гнезда), кровови на куќи (18%), силоси, кровови и оџаци на фабрики (околу 5%), додека пак најмалку гнезда на штркови се лоцирани на дрва (помалку од 0,2%).
Ова истражување се спроведува во рамки на 8 -от Европски цензус на штркови кој што се прави на секои 10 години, а во Македонија првпат се спроведе во 2014 година.