Четворицата македонски државјани кои лани беа уапсени и обвинети дека се членови на криминална група која крадела луксузни автомобили од странски туристи на Халкидики, се осудени на затворски казни во Грција, јави дописничката на МИА од Атина, повикувајќи се на грчката новинска агенција АНА-МПА.
Тричлениот кривичен суд во Солун, на тројца од обвинетите им одредил казна од 12 и 14 месеци затвор, додека пак четвртиот добил затворска казна од осум години и десет месеци, кој според пресудата бил задолжен да влегува во туристичките објекти и да ги краде клучевите од автомобилите.
Грчката новинска агенција пишува дека според судската одлука, осудените ги носеле украдените возила во областа Еордеја кај Кожани, од каде друг соучесник ги преземал и преку скриени премини ги пренесувал во Северна Македонија.
За учество во иста криминална група се гонат уште две лица, а меѓу нив, според АНА-МПА е и „мозокот“, но со оглед на тоа што не се уапсени, ќе им се суди откако ќе бидат фатени.
На почетокот на септември лани, грчката полиција разби криминална организација во која биле вклучени шест лица, сите македонски државјани, кои се товарат за 19 кражби на луксузни автомобили на Халкидики, во вредност од над еден милион евра, при што двајца од обвинетите сè уште не се уапсени, но се идентификувани.