Катастрофалниот пожар во Атика, предградие на Атина, ја однесе и првата жртва. Грчките пожарникари пронашле женско тело во круг на фабрика за градежни материјали која изгоре до темел во општината Халандри. Гаснењето на огнената стихија е отежнато поради ветрот. Дел од населението од неколку е принудено да се евакуира на безбедни локации, но голем е бројот на цивили кои решија да останат рамо до рамо со пожарникарите во борбата со пламените јазици што голтаат се пред себе. Дел од нив очајнички бараат помош за заштита на нивните огништа.
Ослабен и под контрола, но далеку од целосно изгаснат. Високиот степен на ризик останува на сила, на готовс е авијацијата, а од утрово се дејствува со три авиони и девет хеликоптери од воздух и стотици пожарникари и протипожарни возила на земја. Катастрофалниот пожар што ја зафати Атика, во близина на Атина, досега предизвика голема материјална штета. Изгорени се куќи, деловни објекти, уништена е огромна шумска површина на околу 100 хектари.
Огнениот фронт, во должина од преку 30 километри, од северот на Атика за два дена се прошири кон населбите на источниот брег, оставајќи пустош зад себе. Потоа зафати и урбани структури на градските општини, оштетувајќи или уништувајќи десетици куќи и друг приватен имот.
Големи противпожарни сили со околу 800-тини луѓе и околу 200 противпожарни возила остануваат на терен оти и натаму се појавуваат мали пожари, но олеснителна околност е намалениот интензитет на ветрот. Грција денеска очекува помош и од Европскиот механизам на цивилна заштита – од Франција пристигнува хеликоптер, 80 пожарникари со 50 возила, од Италија два противпожарни авиона, 75 пожарникари со 25 транспортни средства и цистерни со вода. Помош е најавена и од Србија, од Турција и од Романија. Во врска со дел од пожарите се уапсени две лица кои денеска ќе бидат изведени пред суд.
Грчките служби проценуваат дека денешниот ден е само пауза пред новиот топлотен бран што се очекува да донесе и нови огнени жаришта.
Сашко Димовски