Се преполови бројот на обвинети во случајот Синџир. Шестмина обвинети, меѓу кои и првоосомничениот дека бил организатор на злосторничкото здружување за даночно затајување и перење пари, денеска признаа вина на почетокот на судењето. Пресудите ќе бидат изречени утре. Од првично 22 обвинети, судењето ќе продолжи за 11 луѓе.
Првообвинетиот багерист Сашо Вучков и неговите мајка и татко на чие име отворал фирми признаа вина на почетокот на судењето, но не и неговата поранешна сопруга која во одреден период била управител на неговата фирма.
Бизнисмените Стојан Чифлигароски од Битола, чија фирма СВ-Инвест во изминатите години добиваше милионски тендери од РЕК Битола, и Љупчо Пецов Ѓаволот од Неготино, кои се товарат дека биле организатори на групата се во бегство и за нив нема обвинение. По нив се распишани меѓународни потерници. Во бегство е уште еден осомничен.
Меѓу обвинетите, според извори на Телма, има сиромашни и неуки луѓе кои биле искористени за на нивно име да се отвораат фирми преку кои се правеле злоупотребите. Од 17 преостанати обвинети за финансиски криминал со кој го оштетиле буџетот за 8 милиони евра, тројца, меѓу кои и главниот, имаат само основно образование.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција првично поднесе обвинение за 22 сопственици и директори на 19 фирми, кои со меѓусебно издавање на фактури за фиктивни стоки и услуги за помалку да платат или да не платат ДДВ, од почетокот на 2019 до крајот на 2021 година, го оштетиле буџетот за 8 милиони евра. Од тоа незаконски заработиле 40 милиони денари, односно 650 илјади евра кои ги пуштиле во оптек, односно ги испрале.
Во меѓувреме еден обвинет почина, а четворица се спогодија со обвинителството и признаа вина. Го платиле целиот данок што го должат и добија условни или ниски затворски казни.
„Заедно со пресудените казни во државниот буџет до сега се уплатени вкупно 59.658.568 денари или 970.058 евра“, соопшти Обвинителството.
Тројца добија условни казни и да платат од 3 до 5 илјади евра, a еден од обвинетите доби една година затвор и 5 илјади евра казна. Нивните фирми беа казнети со парични казни меѓу7 и 15 илјади евра.
Уште во фаза на истрага, двајца се спогодиле со Обвинителството да добијат условни казни и да платат по 3 илјади евра.
Срѓан Стојанчов