Нерегистрирани пациенти во системот „Мој термин“ и нарушени меѓучовечки односи се причината поради која министерот за здравство во заминување, Илир Демири, денеска го разреши директорот на Клиниката за кардиохирургија, доктор Марјан Шокаровски. Демири ги демантираше наводите за зголемена смртност на Кардиохирургија бидејќи испратил комисија која утврдила дека има само незначителен пораст.
Кога станува за неевидентираните случаи, министерот немаше одговор дали станува збор за итни и неодложни случаи донесени во Клиниката. Тој порача дека новиот директор на државната кардиохирургија треба да биде доктор кој не е од Клиниката.
Шокаровски не ги коментира причините за неговото разрешување, но смета дека е незаконско бидејќи изборниот процес се уште трае.
Изборниот законик е дециден дека до формирање на новата Влада техничкиот министер нема ниту овластувања ниту можност да ме разреши и тоа е кршење на закон. Се надевам дека институциите ќе се држат до почитување на законите, рече шокаровски.
Околу наводите за зголемена смртност на Клиниката за кардиохирургија, министерот Демири кажа дека испратил комисија која ги проверил податоците и дека тоа е шпекулација бидејќи има незначително зголемување на смртност. но вели дека пациентите кои не се регистрирани во системот може да го сменат крајниот исход.
Директорот на Клиниката овие информации ги нарече лаги и најави прес конференција на која ќе бидат презентирани точните податоци.
Што се однесува до гнасните лаги и клевети за зголемената смртност, со што некој сака да се уништи една од најдобрите и најуспешните приказни во јавното здравство, јас и стручниот колегиум во тек на наредните денови ќе излеземе со официјален демант кој ќе се темели на прецизни резултати, порача шокаровски.
Техничкиот министер Демири соопшти дека ја разрешил и Александра Ефтимова раководител на програмата за превенција на кардиоваскуларни заболувања бидејќи одбила да му достави извештај и список на ангажираните странски експерти на кои била плаќана дневница како што кажа од 700 евра а за кои има информации дека се од соседна Србија и затоа не знае дали тие воопшто имаат лиценци и исполнуваат услови.
Огнен Чанчаревиќ