Потпретседателот на СДСМ, Фатмир Битиќи, во вечерашното издание на Вин Вин порача дека владејачката партија во изминатите две програми ги надминале ветувањата. Според него, владата на СДСМ спасила 80 илјади работни места, просечната пензија и плата ги зголемила повеќе од ветеното, а не потрошиле ниту еден денар за барокни фасади, жални врби и споменици, туку ги вратиле во стопанството. Секој денар што се задолжиле го вратиле како инвестиција кај луѓето.
Запрашан за прогресивно оданочување, кое беше едно од најзначајните најавувани политики на нивната влада, во новата програма тоа е заменето и повторно се враќаат на 10-те проценти на рамно оданочување.
Прогресивното оданочување велиме дека е дел од вредностите, дел од идеолошката матрица на социјалдемократите, но нашите анализи укажуваат дека до сега сѐ уште не се створени условите за да имате целосно аплицирање на прогресивното оданочување на начин на како различни експерти, различни чинители го сфаќаат прогресивното оданочување. Но, одиме еден чекор и се доближуваме до тоа, а тоа е воведуваме нула посто персонален данок, или данок на доход за примателите на минимална плата. Првично, затоа што сметаме дека тоа е поправедно, нема зошто да ги оданочувате оние што имаат најниски приходи, рече Битиќи.
Тоа според потпретседателот на СДСМ ќе овозможи на голем дел од примателите на минимална плата да излезат од тој праг, затоа што на стопанствениците ќе им се ослободеле средства кои би можеле потоа да ги вратат кај своите вработени.
Битиќи исто така се осврна и на споредбите со програмата на ВМРО-ДПМНЕ за зголемување на пензиите. Опозицијата во својата програма најавува линеарно зголемување на пензиите во висина од 5.000 денари за секој пензионер, додека пак СДСМ во својата програма предвидува еднократна помош за нова година од 5.000 денари и 1.500 денари месечна помош во грејната сезона. Според потпретседателот на СДСМ, линеарното зголемување на пензиите ветувано од опозицијата ќе доведе до зголемување на дефицитот во пензискиот фонд до дури 52 проценти.
Моделот кој што го нудиме е помал дефицит во пензискиот фонд, грижа за следните генерации, и дополнително, зголемување кај сите на праведен и правичен начин. Тоа е разликата и суштинската разлика на тоа што го нудиме, рече Битиќи.