Отсечена од сите комуникациски врски со надворешниот свет, најголемата болница во Газа, Ал Шифа се уште е опколена од израелските командоси. Го проверуваат детално секој агол од установата за која тврдат дека под неа се наоѓаат километарските тунели и е база на терористичката мрежа на Хамас. Досега објавија фотографии за кои тврдат дека се пушки и панцирни елеци пронајдени во болницата, но се уште нема докази за големата подземна командна база на Хамас. Неколку стари војнички чизми, панцири и пушки се слаба и смешна приказна која Израел им ја прикажува на новинарите, соопштија претставници на Хамас, од каде демантираат дека ја користат болницата како команден центар.
- Во оваа болница нема центар или контролна соба за Хамас. Постојано ги избегнуваме сите болници. Израелците тоа го кажаа за болницата Ал-Рантиси и лажеа. Тие го кажаа тоа за болницата Ал-Кудс и сите сфатија дека лажат, а сега сите ги гледаат нивните лаги, дури и со поддршка од администрацијата на Соединетите држави, што е многу смешна и глупава поддршка, соопшти Осама Хамдан, постар офицер во Хамас.
И додека трае пребарувањето во најголемата болница, на 650 пациенти кои се во критична состојба, и на докторите не им е дозволен излез, ниту пак разговор со новинските екипи кои успеаа да влезат.
Докторите велат дека повеќе немаат залихи, а често ги прават операциите, меѓу кои и ампутации без анестезија. Во болницата веќе нема и кислород, а болните викаат од жед. На докторите мора да им се дозволи да ја работат својата работа, а пациентите мора да се заштитени, повикуваат хуманитарните организации.
- Наша грижа се пациентите од болницата која не функционира, разбирам дека Израелците сакаат да го пронајдат водството на Хамас, но тоа не е наш проблем. Наш проблем е да ги заштитиме луѓето од Газа од она што се случува врз нив, вели Мартин Грифитс, Шеф за итна помош при ОН.
Израел е упорен да ја пронајде и уништи мрежата на Хамас. Стотици километри долг и 80 метри длабок систем од тунели кои се користат за различни цели, се најголемиот предизвик за Израел, за кои тврдат дека таму ги кријат и израелските заложници киднапирани во нападот на 7 октомври. Но, тунелите не е лесно да се пронајдат, сметаат воените аналитичари, затоа што често се сокриени под различни објекти. Поради тоа, израелската војска вели дека проверката на болницата Ал Шифа може да трае со денови.
Во меѓувреме, се најавува проширување на воената операција и на југот од Газа, каде еденипол милиони Палестинци веќе беа принудени да се преселат од северот. Тука условите за живот се тешки, камповите пренатрупани, а кои се насоките и каде да одат веќе раселените, не е јасно.
Алиса Шутиноска