„Имате три часа да го напуштите северниот дел на Газа и меѓу 13 и 16 часот да се упатите кон југ по главниот автопат“. Израелската војска денеска со ново предупредување до Палестинците што е протолкувано како најава за нови жестоки удари од копно, воздух и море по таргетирани цели на Хамас. Според специјалниот американски пратеник во Аман, Дејвид Сатерфилд, меѓу 800.000 и милион луѓе досега се евакуираа од северот каде проценките велат дека сè уште остануваат меѓу 350.000 и 400.000 луѓе.
Израелските сили претпладнево извршија нов, трет, напад врз бегалскиот камп Џамалија, засолниште на илјадници Палестинци. Во нападот, според Министерството за здравство во Газа, загинаа најмалку 15 лица. Најголем дел од жртвите се жени, според палестински извори, се жени и деца кои седеле во дворот на училиштето „Ал Факхура“ кое го води агенцијата на ОН за палестински бегалци.
Израел ја презеде одговорноста за нападот врз конвојот со возила на итната помош во Газа. Додека палестински извори изјавија дека со амбулантните возила се евакуирале пациенти од болницата Ал Шифа на северот, израелски воени претставници тврдат дека во нив имало ранети милитанти на Хамас. Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН; Антонио Гутиреш и првиот човек на Светската здравствена организација изразија згрозеност од нападот и порачаа дека војната мора да престане.
Во меѓувреме, израелските сили објавија видеа на кои прикажуваат активности во рамки на копнените операции во Газа. Нивни пешадиски и тенковски единици во текот на ноќта се соочиле со бројни обиди за напад од припадници на Хамас, пришто соопштија дека се ликвидирани неколку оперативци на палестинската група.
Со видео се јави и Хезболах на кое прикажува напади врз израелски пунктови долж границата со Израел. Притоа нагласуваат дека сите мети се погодени и уништена е техничка опрема. Израелската војска возвратила на огнот и погодила две единици, како и набљудувачница на проиранската милитантна група.
Сашко Димовски