Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска од Аман го реафимира ставот дека Израел има право да се брани во војната со Хамас. Но, и дека не е момент за прекин на огнот, бидејќи на тој ќе се остави простор на палестинската милитантна група да се прегрупира. На средбата со египетскиот министер за надворешни работи и јорданскиот премиер, тој ја нагласи потребата од поддршка на израелските власти во напорите за сузбивање на Хамас за никогаш повеќе да не се повтори 7 октомври.
Набрзо пристигна одговор од либанската престолнина Бејрут. Висок претставник на Хамас порача дека Блинкен не може да изгради арапска коалиција која е против палестинскиот народ, а како одговорни за она што моментно се случува во Газа ги посочи американскиот претседател Џо Бајден и неговата администрација. Тој повика на носење на арапска и исламска резолуција со која ќе се запре продажбата на нафта и гориво за земјите кои го поддржуваат Израел.
Израелската војска денеска со ново предупредување до Палестинците за напуштање на северот на Газа и одење кон југ, што е протолкувано како најава за нови жестоки удари од копно, воздух и море по таргетирани цели на Хамас.
Израелските сили претпладнево извршија нов, трет, напад врз бегалскиот камп Џамалија, засолниште на илјадници Палестинци. Во нападот, според Министерството за здравство во Газа, загинаа најмалку 15 лица.
Израел ја презеде одговорноста за нападот врз конвојот со возила на итната помош во Газа. Додека палестински извори изјавија дека со амбулантните возила се евакуирале пациенти од болницата Ал Шифа на северот, израелски воени претставници тврдат дека во нив имало ранети милитанти на Хамас.
Според министерството за здравство на Газа, бројот на Палестинци кои загинаа од 7 октомври досега е, речиси, 9.500, над 1.400 луѓе беа убиени во Израел, повеќето од нив во нападот на Хамас на 7 октомври, а над 240 луѓе беа однесени од Израел како заложници на милитантната група во Газа.
Сашко Димовски