Вести Македонија Топ вести

Партиите неединствени по прашањето за единство

Заборавени се вчерашните повици за единство. Политичките партии денеска се враќаат на својата реторика, едните уверени дека предвремени избори се спасот за државата, другите со апели да се мисли на европската иднина.

ВМРО ДПМНЕ ја обвинува власта дека го игнорира својот народ, го понижува и се обидува да го раздели. Пропуштила многу подадени раце од опозицијата и многу шанси за подобри позиции за Македонија. Според ВМРО ДПМНЕ, единствено што преостанува е власта да се соочи со реалноста дека нема мнозинство за уставни измени, по што, изборите би биле логичен чекор.

-Власта на ДУИ и СДСМ со уставните измени ја матат јавноста повеќе од цела година. Јасно е дека немаат поддршка и таа состојба нема да се смени. Напротив, ова е тактика на ДУИ и СДСМ за купување време за да предвремените избори станат временски беспредметни. Но во меѓувреме, Македонија секојдневно тоне `се подлабоко во кризи, тоа допрва граѓаните ќе го почувствуваат на есен и зимата, а сето тоа дополнително ќе `не оддалечи од ЕУ, имајќи ги предвид роковите за избори во Македонија и во Европската унија, изјави Наум Стоилковски, ВМРО ДПМНЕ

Сите услови што ги поставија ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски се исполнети, тврди СДСМ. Потсетува дека уставните измени се јавно достапни и никој не се изјаснил против нивната содржина. Со нив, се забрзува процесот на интеграција во ЕУ, се задржува примарната уставотворност на македонскиот народ и се става крај на тезата за „еден народ во две држави“. Конечно, смета власта, исполнето е и барањето оставки од министрите на ДУИ.

-Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ можат веднаш да станат дел од Влада во која нема да учествува ДУИ, а потоа и да се организираат предвремени избори. Се што треба ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски да направат е да се вклучат во процесот и да дадат поддршка за уставните измени. Во спротивно, ќе покажат дека се несериозни и неодговорни пред сопствениот народ и пред иднината на државата. Наспроти лагите на Мицкоски и партијата, македонскиот јазик, идентитет, култура и посебност, денес се меѓународно заштитени и потврдени, рече Дарко Каевски, СДСМ

 До собраниската седница за уставни измени има уште две недели. Може да се води расправа најмногу 10 работни дена. Минатата недела, Комисијата за уставни прашања со 10 гласа за и 7 против го прифати Предлогот за пристапување кон менување на Уставот. На пленарната седница нема да се гласа `се додека не се обезбеди дво-третинско мнозинство, најави спикерот Џафери.

 

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Променливо облачно и свежо – Временска прогноза за 16.9.2024

Дејан Дејан

НАТО: Украина има законско право да напаѓа цели во Русија

Дејан Дејан

Министрите за надворешни работи на земјите од Г7 го осудија испраќањето ирански балистички ракети во Русија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе