Вести Македонија

Ковачевски: Никој нема право да ја ограничува иднината на државата – да влеземе во ЕУ до 2030 година

Никој нема право да ја ограничува иднината на граѓаните и да ја изолира државата, затоа треба да се отвори дискусија низ којашто ќе се дојде до поддршка за одлуката за продолжување на европската интеграција на Северна Македонија и до 2030 година остварување на втората цел на државата, а тоа е полноправно членство во Европската Унија, изјави денес премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата во рамките на НАТО самитот во Вилнус.

Одговарајќи на новинарското прашање околу ставот на лидерот на опозицијата Мицковски дека повеќе не разговара за уставни измени под бугарски диктат, Ковачевски нагласи дека уставните измени се дел од преговарачката рамка и дека не се никаков диктат туку се дел од обврските кои се наведени во преговарачката рамка,  која беше усвоена без ниту еден глас против од страна на пратениците лани во јули.

Според Ковачевски, Европската унија ги завршила своите обврски како дел од преговарачката рамка во која се обврза да се одржи прва меѓувладина конференција на која ќе биде отворен скрининг процесот, дека ќе биде потпишан договорот Фронтекст на чист македонски јазик, без никакви додавки, фусноти, и дека македонскиот јазик ќе биде дел од јазиците на Европската унија, дека македонскиот идентитет и култура, исто така, ќе бидат дел од мозаикот на културата на ЕУ.

Она што ние треба да го направиме е, прво, успешно завршување на скрининг-процесот и второ, уставни амандмани со цел вклучување на други делови од народи во Преамбулата на нашиот Устав каде што веќе има други делови од народи вклучено – овде се работи за делови од бугарскиот народ, црногорскиот, хрватскиот и други. За таа цел беше формирана работна група во рамките на министерството за правда, која го изготви својот предлог, го достави до владата, и Владата, откако ќе го разгледа, на една од наредните седници, но не подоцна од крајот на овој месец, ќе ги достави до Собранието, рече ковачевски.

Уставните измени се глас за Европа и продолжување на европската интеграција на државата. Ние за првпат имаме ситуација во која ветото не доаѓа од надвро туку доаѓа од внатре, од опозицијата. Секој има право, вие се повикавте на изјавата на лидерот на опозицијата – секој има право да се изолира сам себеси, па дури и да изолира дел од својата политичка партија, меѓутоа нема право да ја изолира државата, бидејќи наместо интеграција, постои изолација, рече Ковачевски.

Аргументите дека ќе сме го изгубеле идетитетот, културата, дека Парламентот немал мандат да носи одлука, дека Владата немала мандат да носи одлука, сето тоа беше демантирано од самиот претседател на опозицијата, истакна премиерот.

Тој имаше одредени услови и сите негови услови беа прифатени, потоа под притисок, внатрешен можеби, тој ретерираше во своите ставови, меѓутоа сметам дека треба да се отвори дискусија бидејќи ова е исклучително важна одлука за државата, а за резултатот од таквата одлука и зачленување во ЕУ можеме да посведочиме сите коишто сме денес тука, каде Северна Македонија, држава со 1,85 милиони жители, седи на иста маса, со исто право на одлучување како САД, Германија и сите 31 земја на НАТО, а наскоро ќе бидат и 32 , рече Ковачевски.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пратеникот Арсовски потврди дека нивен активист е предложен за член на Советот за граѓански надзор

Дејан Дејан

Платформата за ХИВ апелира да се врати минимален буџет од 130 милиони денари за заштита на населението од оваа инфекција

Дејан Дејан

Лишен од слобода криумчар на мигранти

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе