Вести Македонија Топ вести

Пендиков добива третман на почесен граѓанин на Бугарија, доби бесплатно сместување во Софија и паричен надомест

Македонскиот државјанин Христијан Пендиков добива третман како да е почесен граѓанин на Бугарија. Државниот врв на соседната земја му понуди серија бенефити, откако заврши неговото лечење на Воено-медицинската академија во Софија. 22-годишното момче ќе добие бесплатно сместување во стан во Софија, паричен надоместок за да живее таму со својата мајка, но и забрзување на постапката за стекнување со бугарско државјанство. Бугарските власти размислуваат да му доделат и лично обезбедување со образложение дека имало закани по неговата безбедност и дека самиот стравувал за својот живот ако се врати во Македонија.

Во видливо добра здравствена кондиција, 22-годишното момче беше примено од првите луѓе на државата. Претседателот Румен Радев и потпретседателката Илијана Јотова упатија порака дека „Бугарија нема да дозволи насилство врз македонските Бугари во Северна Македонија“. Преку соопштение до јавноста, Радев упати честитки до мајката на Христијан што одгледала достоен син, а на момчето му честита за храброста да го одбрани „своето бугарско име“. Истовремено, порачува дека „Бугарија ќе ги следи постапките на институциите во Македонија за гарантирање на животот и здравјето на нејзините граѓани, кои и покрај системската репресија, продолжуваат да го бранат својот бугарски национален идентитет“, а вклучувањето на Бугарите во Уставот го смета за гаранција во искоренувањето на јазикот на омраза.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи одбива да влезе во, како што се изрази, „јавно препукување со Бугарија“. На сите провокации ќе одговара со дипломатски речник и со аргументи.

Османи нагласува дека државата ќе продолжи да се однесува еднакво кон сите свои граѓани, независно од етничката припадност.

Во вакви околности, на влошени македонско-бугарски односи, гостинот од Чешка, министерот за надворешни работи Јан Липавски изрази поддршка за македонските евро-интеграции и порача дека пристапувањето во ЕУ треба да се заснова на заслуги, а билатералните спорови да не бидат причина за вето.

Односите меѓу Македонија и Бугарија се влошија откако пред 20-дена во Охрид, три момчиња, од кои едно со бугарско државјанство, го истепале Пендиков. Секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ доби хеликоптерски превоз до Софија и лекување на Воено-медицинската академија.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

Марковиќ во „Вин-Вин“: Не верувам во концептот на независен кандидат, без поддршка од голема партија, нема шанси да освоите било што

Дејан Дејан

Наумовски во „Вин-Вин“: Претседателската кампања во сенка на лидерите на политичките партии

Дејан Дејан

Еден од најбараните американски бегалци Мојзес Теџада уапсен во Ватикан

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе