Средбата на покана од албанскиот премиер Еди Рама започна пред неколку минути во Тирана. На средбата присуствуваат Али Ахмети од ДУИ, Арбен Таравари од Алијанса на Албанците, Африм Гаши од Алијанса и Мендух Тачи од ДПА, додека, како што е познато , на средбата не учествува Билал Касами од движењето Беса.
Албанската телевизија „Њуз 24“ јавува дека на средбата присуствува и министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка, а на неа ќе се разговара за внатрешно-политичката ситуација во Северна Македонија, улогата на албанските партии во надминувањето на ќорсокакот во Македонија за обезбедување мнозинство, бидејќи Собранието мора да направи одредени уставни измени поврзани со напредокот и продолжувањето на процесот на евроинтеграции.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој попладнево пристигна во Тирана на средба со премиерот на Албанија, Еди Рама во придружба на првиот вицепремиер Артан Груби, рече дека средбата е пријателска и братска и ќе се разгледаат сите теми.
- Средбата е пријателска и братска, темите ќе видиме да ги разгледаме сите теми кои што мислиме дека се корисни, особено ме интересира зајакнувањето на заедничката стратегија за приближување на патот кон Европската Унија, а тоа е исклучително важна мисија за нашите земји, исклучително важна за зајакнување на мирот, стабилноста и напредокот на економијата. И тука најмногу ќе го фокусирам моето внимание, изјави Ахмети за ТВ21.
Пред почетокот на средбата во Тирана за „Клан Македонија“, Али Ахмети ја коментираше одлуката на Беса да не доаѓа на оваа средба.
„Би било убаво да беа тука, но, секој има своја автономија при одлучувањето. Времето ќе докаже колку е продуктивно тоа размислување“, изјави кусо Ахмети.
Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, денеска попатно застана и во Приштина на средба со премиерот на Косово, Курти и претседателката Османи, разговарале за кризата на северот на Косово, борбата со криминалот и корупцијата и заедничките заложби за интеграција во Европската унија.
Инаку вчера, портпаролот на ДУИ и министер во Владата на Ковачевски, Бујар Османи, веќе испрати апел да не се прави никаква политичка конспирација од средбата, истата ја именува како новогодишна, а на неа ќе се разменат и мислења за состојбите во регионот и напредокот во евроинтеграциите. Ова не е првпат да се состанат лидерите на политичките партии на албанците во Македонија со премиерот на Албанија, Еди Рама. Првпат тоа се случи пред точно шест години, а од таа средба произлезе таканаречената „Тиранска платформа“ – декларацијата од 7 точки за заедничка агенда во секој нареден владин мандат.