Огранок по огранок, незадоволните во ДУИ, денеска беа на гости кај Али Ахмети во партиското седиште во Мала Речица. Првин раководството и пратениците од огранокот од Сарај, па потоа од Чаир.
Градоначалникот на Сарај по средбата објави и фотографија со Ахмети кого го нарекува пријател, но и потенцира дека е цврст во својот став против извршната власт.
Сепак, според зборовите на пратеникот Арбен Зибери, кој не е дел од таканаречената „Огнена група„, но беше присутен на состанокот, средбата била констриктивна и поминала во позитивна и демократска атмосфера. Артан Груби, против кого е насочено незадоволството на потписниците на неодамнешното писмо до Ахмети, денеска не бил тема на разговор.
Зибери тврди и дека,најмногу се зборувало за политиките и ветувањата на ДУИ, важните општински проекти и можната поддршка од владата. Немало никакви најави за независно делување на пратениците Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику, кои се дел од незадоволната група. Денеска и собранискиот спикер, на брифинг со новинарите рече дека нема добиено такво известување.
На средбата не се разговарало ниту за формирање на партиските тела, за кои незадоволното членство реагира дека не се избрани цели три години, затоа што сите одлуки ги носи Артан Груби. Но, се очекува тие наскоро да бидат формирани.
Далиборка Демјанска