Разгорениот оган во ДУИ нема да се гасне со оставка на Бујар Османи. Шефот на дипломатијата негира дека е понудена негова оставка за да се смири незадоволството кај сопартијците, таканаречената „Огнената група„, кои испратија писмо до Ахмети со повеќе барања, но и обвинувања за раздор во партијата.
Меѓу дваесетмината потписници на писмото има и поранешни и сегашни функционери. Двајца се пратеници, еден е заменик-министер, а двајца се актуелни градоначалници. Очигледно е незадоволството во скопскиот огранок, особено во Чаир, од каде доаѓаат потпишаните пратеници – Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику, а потпишан е и градоначалникот на оваа општина, Висар Ганиу. На реакцијата може да се види и потписот на Башким Хасани, заменик-министер за одбрана, на поранешниот градоначалник на Гостивар,Невзат Бејта и на градоначалникот на Сарај,Блерим Беџети.
Бараат од Ахмети, да свика состанок на претседателството, за да се најде решение за зачувување на партиското единство. За состојбите во партијата го обвинуваат Артан Груби.
Ахмети се` уште не им одговорил на барањата, но вчера јавно застана зад Груби со изјавата дека, ДУИ може да функционира без кого било, затоа што има стабилни структури, а дека за анархија нема место.
Далиборка Демјанска Цветановска