Прославата на Илинденското востание почнува вечерва, а политичарите до последен момент го држеа во тајност својот распоред. По долго премерување, премиерот одлучи – ќе се качи на Мечкин камен, кој е најжешкиот костен за политичарите на празнувањето на Илинден. Речиси и да нема празник што поминал без тензии, а честопати оттаму си заминуваат и исвиркани поради актуелните политики. Друштво на Ковачевски ќе му прават вицепремиерите Славица Грковска и Артан Груби, како и министрите Оливер Спасовски и Бисера Костадиновска-Стојчевска. Владината делегација ќе положи цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев, и на спомениците на паднатите борци, по што премиерот ќе одржи говор.
Прв пат по речиси дваесет години, годинава македонска државно-црковна делегација ќе го посети историскиот манастир „Св. Прохор Пчињски“. На местото на кое е одржано Првото заседание на АСНОМ и е прогласена македонската држава, досега Српската православна црква забрануваше посети. Делегацијата таму ќе ја предводи претседателот на државата, Стево Пендаровски. Претходно ќе положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски и на генералот Михајло Апостолски, како и пред споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните.
Пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце, ќе се обрати собранискиот спикер, Талат Џафери.
Опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски, веќе петта година по ред го слави Илинден во струшкото село Ташмаруништа. Во ова село, каде за време на Илинденското востание во 1903 –та година се одиграла најжестоката борба меѓу востаниците и турската војска, веќе 70 години се одржува илинденска прослава.
Годинава се одбележуваат 119 години од започнувањето на Илинденското востание и прогласувањето на Крушевската република.
Далиборка Демјанска Цветановска