Вести Македонија

Маж и се заканувал на активистка на Хера дека ќе ја запали затоа што држела советување за сеопфатно сексуално образование

Асоцијација за здравствена едукација и истражување најостро го осудува нападот со умисла врз нејзина вработена што вчера се случил од страна на непознато лице во младинскиот центар „Сакам да знам“ – Водно.

Имено, возрасно машко лице влезе во Центарот за да се информира за достапните услуги, наводно заинтересиран заради здравјето на неговите деца. Додека вработената му ги објаснуваше различните видови на тестирања за сексуално преносливи инфекции, тој почнал да ѝ упатува навреди од типот на „соросоидна к***а“ и отворено да се заканува дека ќе ја запали и неа и Центарот доколку викне полиција. На овој начин, тој ја загрозил нејзината безбедност, како и безбедноста на сервисот на организацијата. Притоа, особено загрижува фактот дека посетата на Центарот и нападот врз вработената се направени со умисла.

Младинскиот центар „Сакам да знам“ на Водно е основан во 2005 година и оттогаш, секоја година опслужува најмалку 1500 граѓани од маргинализираните и ранливите групи со бесплатни и доверливи услуги за сексуално и репродуктивно здравје, вклучувајќи гинеколошки и дерматолошки прегледи, тестирања, советувања, контрацепција и психолошка поддршка.

И покрај важната улога што овој сервис со години ја има во зачувувањето на здравјето на граѓаните, а особено на младите, овој напад врз ХЕРА и нејзините вработени не е изолиран случај, но е најсериозен во серијата настани што се случија во изминатиот период, токму поради тенденцијата директно да се заплаши организацијата.

Вчерашниот настан се надоврзува на низата напади и говорот на омраза кон наши вработени и кон организацијата на социјалните мрежи, кои особено зачестија во последната година со нашите залагања за воведување на сеопфатното сексуално образование (ССО) во училиштата. Наводно сакајќи да ги заштитат традиционалните семејни вредности, радикалните противници на ССО организирано шират лаги и извртуваат информации за да предизвикаат морална паника и страв, притоа отворено дискриминирајќи групи на граѓани и користејќи говор на омраза.

Ваквите напади особено се интензивираа во последните две недели од страна на политичката партија „Левица“ која пласира лажни информации за активности со општините Карпош и Аеродром од кои ХЕРА никогаш не добила финансиски средства за нивно спроведување, најавувајќи ја така обновата на т.н.„десоросоизација“ и хајката против граѓанскиот сектор.

Една од основните одлики на демократското општество е поттикнувањето на аргументирана дебата со неистомислениците преку користење точни информации, а не преку заплашување, закани и насилство. Вчерашниот напад врз вработено лице во нашиот младински центар, за жал, укажува дека несанкционирањето на говорот на омраза и на прогонот на организациите на интернет од страна на надлежните институции лесно може да се прелее во реалноста и да предизвика омраза, насилство и дискриминација кон поединци и организации од граѓанскиот сектор.

Оттука, апелираме до надлежните државни институции да престанат да ја одржуваат културата на неказнивост со своето непостапување и со сериозност да му пристапат на овој случај и соодветно да ги санкционираат говорот на омраза, заканите и насилството во јавниот простор.

Поконкретно бараме:

  • – Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и Министерството за внатрешни работи да ги осудат нападите кон граѓанските организации и сериозно да го истражат последниот напад за кој е направен и полициски записник и да го третираат како кривично дело, а не како прекршочно. Исто така, бараме да ја испита можната поврзаност на овој настан со претходното ширење на омраза и лаги против ХЕРА;
  • – Основното јавно обвинителство да спроведе истрага за кривично дело расна и друга дискриминација што се врши со прогонување на организации и поединци и нивното залагање за рамноправност на луѓето и да покрене обвинителен акт до надлежниот суд;
  • – Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство поблиску да ги следат говорот на омраза поврзан со т.н. „десоросоизација“ и заканите и нападите кон граѓански активисти и конечно да преземат проактивна улога во негово санкционирање. Иако говорот на омраза не е изрично санкциониран со Кривичниот закон, сепак постојат одредби на кои може да се повика и да постапува, особено имајќи ги предвид политичкиот контекст и историјата на напади и закани;
  • – Сите јавни функционери и избраници на народот на национално и локално ниво, како и политичките лидери да се оградат и да осудат говор на омраза и однесување кое поттикнува насилство врз кој било поединец или организација и да им се спротивстават на лажните вести и на манипулациите со докази и со точни и проверени информации од релевантни извори;
  • – Општините Аеродром и Карпош во кои директно се омразува и лажно напаѓа ХЕРА јавно да се оградат од овие напади врз организацијата и да ја заштитат нашата безбедност.

Ја известуваме јавноста дека за овој напад покренуваме кривична пријава за кривично дело расна и друга дискриминација што се врши со прогонување на организации и поединци и нивното залагање за рамноправност на луѓето.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

Гласање во Северно Косово за разрешување на градоначалниците од четири општини, етнички Албанци

Дејан Дејан

Жртвите од сообраќајката каj Штип се од Скопје и Кочани

Дејан Дејан

Ердоган се сретна со лидерот на Хамас

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе