Варијантата Делта за прв пат беше откриена во Индија во октомври 2020 година и оттогаш се прошири низ целиот свет. Варијантата Делта сега е доминантна во многу земји или региони (Индија, Англија, Португалија, Русија итн.) и се проценува дека ќе биде мнозинска низ цела Европа во рок од неколку недели до неколку месеци. Анализата направена од Институтот Пастер на чувствителноста на Делта варијантата на моноклоналните антитела и на серумот на луѓе кои биле заразени или вакцинирани, покажува дека таа е помалку чувствителна на антителата.
Епидемиолошките студии покажуваат дека варијантата Делта е попренослива од другите варијанти. Истражувачите од Институтот Пастер (заедничка единица ЦНРС) во соработка со Европската болница Жорж Помпиду АП-ХП од Париз и Универзитетските болници во Орлеан и Стразбур ја проучуваа чувствителноста на варијантата Делта на моноклонални антитела што се користат во клиниките за да се спречат тешки форми на болеста кај лица изложени на ризик, како и неутрализирачките антитела присутни во серумите на лица претходно заразени со САРС-CoV-2 или вакцинирани. Тие ја споредија оваа чувствителност со вирусот што циркулираше претходно во Франција (наречена варијанта Алфа или англиска), како и со варијантата позната како Јужноафриканска (варијанта бета).
Истражувачите покажаа дека варијантата Делта е помалку чувствителна на неутрализирачките антитела отколку алфа варијантата. Три од четирите испитани терапевтски моноклонални антитела остануваат ефикасни против варијантата Делта. Едното од нив (Бамлавинимаб) ја губи својата антивирусна активност. Со анализа на крвта на луѓето кои биле заразени со САРС-CoV-2 во претходните 12 месеци, истражувачите покажале дека се потребни четири пати поголеми концентрации на антитела за да се неутрализира варијантата Делта во споредба со сојот алфа.
Оваа разлика во чувствителноста е забележана и кај луѓе вакцинирани со две дози вакцина Фајзер или вакцината Астра Зенека: антителата присутни во нивните серуми се ефикасни во неутрализирање на варијантата Делта, со малку помала ефикасност отколку во однос на алфа варијантата.
Од друга страна, серумот на луѓе вакцинирани со една доза (Фајзер или Астра Зенека) е неактивен или е многу малку активен против варијантите Делта или Бета. Заклучокот на Институтот Пастер е дека варијантата Делта е малку поотпорна на неутрализирачките антитела отколку алфа варијантата.
