Европска Унија му предложи на руското Министерство за здравство да разговара за можноста за меѓусебно признавање на сертификатите за Ковид-19, вклучително и податоците за вакцинација, изјави денеска амбасадорот на ЕУ во Русија, Маркус Едерер.
Треба да најдеме решение за нашите Ковид-сертификати. Вие знаете дека постои дигитален сертификат во ЕУ што им овозможува на граѓаните слободно да патуваат во рамките на заедницата, како и закон што овозможува да се изедначат овие сертификати. Во овој дух, испративме предлог до Министерството за здравство во Русија да разговараме дали Русија е заинтересирана за ваков процес, изјави европскиот дипломат.
Тој додаде дека постапката за сертификација на руската вакцина против Ковиод-19 Спутник В во ЕУ е целосно техничка и не треба да се политизира.
Ова е доверлива постапка. Таа е во тек и се нарекува тековен преглед, кој сега се прави за Спутник В. Убеден сум дека ќе заврши рационално и непристрасно, наведе Едерер.
Амбасадорот објасни дека европскиот дигитален сертификат вклучува податоци за вакцинација, прележување Ковид-19 и закрепнување, како и за ПЦР-тестови.
