Седум случаи на пациенти заразени со Ковид-19 се регистрирани во Македонија. Еден пациент е сместен во велешката болница, и тој се вратил од Англија пред неколку нeдели, уште шест пациенти се сместени во приватни клиники, од кои двајца се во клиниката „Жан Митрев“.
Во Лабораторијата за Гентика и Персонализирана Медицина при Жан Митрев Клиниката во Скопје во текот на вчерашниот ден беа идентификувани двајца пациенти позитивни за делта сојот на SARS-CoV-2 (B.1.617.2) со што и официјално беше потврдено дека делта сојот се шири во Македонија, посочуваат од клиниката.
Министерството за здравство пак информира дека сите заразени со делта сојот на ковид 19 се пациенти кои не се вакцинирани.
По направените анкети со пациентите утврдено е дека никој од нив не примил ниту една доза вакцина, односно ниту се вакцинирани, ниту ревакцинирани. Од вкупниот број позитивни пациенти, кај кои е утврдено присуство на делта сој, само еден е во многу тешка состојба. Станува збор за пациент, кој 8-9 дена откако појавил симптоми на Ковид 19, одбивал да оди на лекар и бил во домашна изолација. Во моментов се вршат епидемиолошки анкети на останати членови од семејството на двајца од хоспитализираните пациенти, кои живееле во заедница и возможно е да се утврди и кај нив присуство на индијски сој на вирусот, велат од министерството.
Министерството за здравство апелира до граѓаните за што помасовна вакцинација, како и придржување кон основните препораки за заштита од Ковид 19.
