Дали ќе има нови мерки заради Делта сојот, Комисијата за заразни болести ќе одлучи утре на состанок. Ова доаѓа по најава на министерот за здравство Венко Филипче, а откако повеќе земји во Европа веќе ги засилуваат рестрикциите поради ширењето на мутацијата на вирусот. Дел од епидемиолозите во земјата предупредуваат дека здравствените власти треба да размислат за враќање на затегнатите рестриктивни мерки и фокусот да биде ставен на забрзана имунизација пред да дојде есента.
Комисијата за заразни болести утре претпладне ќе одлучува дали ќе препорача со нови рестрикции да се штитиме од Делта варијантата на Ковид или и понатаму со полиберални мерки ќе спречуваме ширење на позаразниот вид на вирусот. Епидемиолошката состојба во моментов е стабилна, но речиси невозможно е да се избегне можното влошување штом мутацијата навлезе и се прошири во земјата како што е тоа случај во Европа и во светот. Светските епидемиолозите очекуваат Делта сојот да стане доминантен за брзо време, а дел од епидемиолозите кај нас оценуваат дека олеснувањето на рестрикциите периодов може да се покаже како лоша одлука. Доктор Благоја Алексовски предупредува дека фокусот треба да биде на спречување на локалното ширење на вирусот, а евентуалните мерки како повторно затворање на границите нема да може да го спречи внесот на Делта мутацијата во Македонија.
Надлежните одлучија летово да дозволат да се одржуваат свадби со повеќе од двесте лица, да се одржуваат концерти и журки во ноќните клубови на отворено – места каде што обично повеќе циркулираат помлади лица. Но, наместо да се опуштат, време е сега да се искористи периодот пред есента за луѓето масовно да се вакцинираат и да се избегне нов катастрофален бран и ситуацијата да не се врати одново на почеток.
Европската агенција за лекови пред една недела се произнесе во однос на ефикасноста на вакцините и потврди дека сите вакцини регистрирани во ЕУ се сосема ефикасни и против опасните нови мутации. Македонија веќе има солидна залиха на вакцини и сите коишто чекаат термин веќе се повикани во пунктовите за имунизирање. Доктор Алексовски смета дека можеби може да се искористат и болничките капацитети и модуларните болници како центри за вакцинација додека нема наплив на нови пациенти и да се дозволи веќе без термин, кој сака да отиде и да добие вакцина.
Петар Догов
