Ковид19 Македонија Најважни

Лажичката за причесна останува за секого – Филипче вели тоа е сериозен ризик

Црквата не отстапува од традициите за Велигден ниту среде најкритичните денови од пандемијата. Здравствените власти не пропуштија да го осудат тоа. Претставниците на верските заедници и Владата веќе имаа состанок, се договараа како да се празнуваат светите денови од календарот коишто претстојат. Главниот кризен штаб дури и попушти – вечерта на Велигден и на Рамазан Бајрам да не важи полицискиот час. Но, црковните власти не возвратија со попуштања и од своја страна. „Една лажичка за причесна“ беше актуелна лани, но и годинава таа пракса ќе остане запазена. Министерот Филипче тврди дека за ова сѐ уште не слушнал, но самата помисла на истото, за него е сериозен ризик.

Ако има таква најава, а тоа е сериозен ризик – тогаш јас го осудувам тоа! Апелирам тоа да не се прави. Ако има можност да се најде алтернатива или воопшто да не се прави. Впрочем и верските лидери на неколкуте наши заеднички состаноци прифатија да апелираат да се почитуваат мерките, сѐ што значи заштита на здравјето на граѓаните, вели Филипче.

Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи испрати апел до сите верници да сфатат дека олеснетите мерки за празниците и либералноста на државата во однос на мерките се можност одговорно да се прославува, а не да се заборави на сѐ што е пропишано. Со слична молба до граѓаните излезе и премиерот Заев.

Треба да ги исполниме полјаните некаде на отворено – и за Први мај и за другите празници, но да бидеме на отворено. Да ги избегнеме затворените објекти. Ако видиме дека некаде има групирање, дека не е доволно растојанието од еден ипол метар – веднаш да се повлечеме! Свеќичка за Велигден можеме да запалиме пред нашата зграда, пред нашата куќа надвор на отворено вечерта на полноќ кога ќе го дочекаме големиот христијански празник Велигден, но исто така и сите други празници – одговорно да го зачуваме нашето здравје и здравјето на сите граѓани, рече Заев.

Регионот различно се подготвува за празнување на големите верски празници. Во Грција, поинвентивно пристапиле при одлучувањето како да го поминат Велигден. Лекарите таму предложија, а црковните и политичките власти прифатија да се воведе брзо тестирање за Ковид-19 за сите оние кои сакаат да присуствуваат на богослужбите во храмовите.

Србите остануваат со апели за одговорно празнување, но мерките кај нив и онака се најлибералните во регионот. Работат угостителски објекти, фитнес-центрите, а нема ниту рестрикција на движењето односно полициски час.

На Кипар одлука се донесе пред три дена и се ограничи повеќе од 10 лица да не смеат семејно да седнат на маса и заеднички да ги прослават празниците. Иако таму се во целосен карантин од 26 април до 9 мај, сепак верниците ќе смеат да отидат до храмовите и да присуствуваат на светите служби.

Во тек се и подготовките за прославување на големиот муслимански празник Рамазан Бајрам. Па така, Турција вечерва во 19 часот влегува во целосен карантин кој ќе трае од денес па сѐ до 17 мај. Тоа значи дека турците затворени ќе ги поминат главните празнични денови. Властите одлуката ја базираат на тоа што не само улиците туку и трговски центри се преполни со луѓе, а земјата поминува низ тежок период со по 300 починати дневно поради Корона вирусот.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Нека се живи и здрави, не им се лутам“- Стевче Јакимоски за судиите кои му потврдија 1 година затвор, а тој смета дека власта сака да спречи да се кандидира за градоначалник

Дејан Дејан

(видео)Патничко возило изгоре на булевар „Јане Сандански“ во Аеродром

Дејан Дејан

Незири: Постепена интеграција кон ЕУ со цел граѓаните да ги почувствуваат придобивките

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе