Ковид19 Македонија Топ вести

Пријавувањето за вакцинација продолжува преку матичните лекари

Maтичните лекари не се ослободени од обврската да ги контактираат своите пациенти околу вакцинирање против Ковид-19, како за пријавување, така и за добиениот термин за вакцинација. Ова за Телма го потврдија и од „Мој Термин“, но и матичните лекари, откако до Телма стигнаа поплаки од повозрасни граѓани дека кога се обратиле до своите матичните лекари за вакцинацијата биле упатени да ја користат електронската апликација за пријавување и за добивање термин од „Мој термин“.

„Минатата недела во петокот ги известивме матичните лекари и тоа оние матични лекари чии пациенти се закажани во пунктовите во Скопје, дека заради забрзување на процесот на закажување на пациентите, и тоа оние кои се на возраст над 73 години, и кои се пријавени дека сакаат да се вакцинираат со датум пред 10 април, дека нивното закажување ќе се врши преку системот „Мој термин“, односно процесот ќе се одвива автоматски“, вели д-р Жаклина Чагороска, електронски систем „Мој Термин“.

Ова било направено, вели Чагороска, на барање на самите матични лекари за да им се помогне околу закажувањето термини, но оти им било посочено дека ќе треба да ги информираат своите пациенти за закажаниот термин. Освен тоа, појаснува таа пораката била насочена кон оние матични лекари чии пацинети го избрале Скопје, поконкретно пунктот „Борис Трајковски“ за вакцинирање.

За случаите на враќање на пациенти од страна на матичните лекари, особено во другите градови, Чагороска смета дека се работи за недоразбирање.

„Покрај ова што ние го правиме на нив им останува секако опцијата дека и тие самите можат да ги закажуваат. Голем дел од матичните лекари тоа и го правеа до сега. Значи ние сите до петокот пациенти кои беа закажувани беа закажувани од страна матичните лекари. Ова се случува во последните денови заради масовната вакцинација која се случува во ’А1’ арената“, вели Чагороска.

Дека пријавувањето за вакцинација освен електронски продолжува да се одвива и преку матичните лекари ни потврдија и од Здружението на приватни лекари на Македонија.

„Си продолжува, значи кој не може ние помагаме во секој случај. Че дојдат ќе кажат: Јас не можам сам, ќе сакате ли да ми помогнете. Се проверуваат, ве молам проверете ме дали ме има, дали успешно сме направиле пријавување. Има такви кои што сакаат, нели помлади кои се со хронични, порано да се вакцинираат, па зошто не можам јас да имам приоритет пред другиот. Ние им кажуваме дека целиот ред, менаџирањето го прави ’Мој термин’ дека во моментов се 73 и 74 години“, вели д-р Лилија Чолакова Дервишова од Здружението на приватни лекари.

До овој момент во системот за вакцинациија се пријавени 188.000 граѓани, а вакцинирани се 43.000.

И додека се расчистуваат недоразбирањата кој е надлежен за пријавувањето и информирањето на граѓаните за вакцинацијата, тече вакцинацијата на лица над 73 години и тоа пријавени до 10 април. Од „Мој термин“ велат дека сите кои се пријавиле по овој датум ќе добијат термин штом се заврши со оваа група за вакцинација. За оние кои се пријавиле на пунктот во „Борис Трајковски“ достапни се 10.000 вакцини на „Фајзер“, додека на другите пунктови продолжува вакцинациијата со Астра Зенека, од кои заклучно со 18 април аплицирани се 13.575 од вкупно 24.000.

Во „Борис Трајковски“ од понеделник ќе започне и ревакцинацијата во вакцината Спутник со која се вакцинираа 20.000 лица, а кои вакцини како што информираат од Здравство, очекуваат да пристигнат многу скоро.

Процесот на вакцинација се очекува да се забрза кога ќе пристигнат кинеските вакцини  за што се подготвуваат вакцинални пунктови по примерот на „Борис Трајковски“ во шест други града. Во салата во Скопје пак за тогаш е планирано зголемување на бројот на медицинскиот персонал за вакцинацијата.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Загрижувачки податоци: влажното огревно дрво го зголемува загадувањето во Битола, екологистите бараат законски измени

Tea Dimkovska

„Греота е, но факултетот мора да си сноси одговорност“ вели Jaневска за студентите кои овој месец не добиле студентски оброк

Tea Dimkovska

Парите во ѕидот веројатно се на мојот син, судијата Ристов – рекол таткото по претресот и окривањето на созиданиот бункер со 350 000 евра

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе