Додека бројките на ново заразени луѓе покажуваат постепено стивнување на пандемијата, податоците за бројот на починати секојдневно не потсетуваат на страотните последици од Ковид 19 кај дел од заболените.
Вкупниот смртоносен биланс од денеска е зголемен за 47 наши сограѓани, потврди во својот дневен извештај министерството за здравство.
Најголем број од починатите се од главниот град на државата, каде има и најголем број заразени. 22-ца Скопјани го загубија животот од последиците на Ковид-19, додека 3 жртви има во Берово. Куманово, Прилеп, Тетово, Битола, Кавадарци, Охрид, Струга, Радовиш имаат по две нови жртви а еден починат жител има во Велес, Штип, Струмица, Кочани, Кичево и Неготино.
Починатите се на возраст од 44 до 92 години.
Според министерството за здравство, освен 3 лица, сите останатите се починати на болничко лекување.
Истовремено, се дообјаснува дека 15 луѓе починале уште во текот на март, како што се вели, “на една приватна клиника”, но дури денеска се пријавени.
За разлика од ова ужасна вест за високиот број на умрени луѓе , позитивно во денешниот билтен од здравство е фактот дека и денеска има повеќе оздравени од ново заразени луѓе. 765 луѓе од денеска се водат како оздравени, додека регистрирани се нови 627 заразени.
Најмногу од нив, 218, се од Скопје, по што следуваат Битола со 66, Куманово со 54 и Прилеп со 31 нови случаи.
Направени биле вкупно 2865 тестирања а стапката на позитивни тестови изнесува 22%.
Последните ажурирани податоци говорат дека на инфективните одделенија во Скопје и низ државата се хоспитализирани и се лекуваат 1641 наши граѓани.
Британскиот сој кој доминира во нашата држава, го зголемува број на хоспитализации и времетраењето на престојот на пациентите на болничко лекување.
Минатите 24 часа, во Скопје биле хоспитализирани 68 нови пациенти а вкупно на инфективните одделенија во главниот град се сместени 689 луѓе.
Најмногу луѓе на болничко лекување надвор од Скопје, има во Битола, каде се хоспитализирани 124 пациенти, потоа во Прилеп 107, Струмица 104, Куманово 103 , Штип 93 и Велес 88 болни.
Вкупната бројката на заразени со Ковид во Македонија е се поблиску до 150 илјади и во моментов изнесува 148 илјади 618, додека пандемијата усмрти и 4 5556 наши сограѓани.
Како активни случаи на зараза со Ковид-19, во моментво се водат 18 469 луѓе.
Никола Илиевски
