Се распределуваат 10-те илјади Фајзер вакцини по здравствените домови. Пунктовите се подготвени но дали ќе се вакцинира за време на претстојните празници е неизвесно.
“Ние ги чекаме насоките на министерството, сме подготвени и како ќе дава насоки Министерството за здравство така активно ќе се вклучиме и сега сме вклучени во процесот на имунизација. Вие знаете дека работевме и за време на викендите, се надевам и за време на празниците за оние кои доаѓаат за ревакцина ќе бидат ревакцинирани точно на време и во трите поликлиники пунктовите работат” – вели за Телма, проф-др Виктор Исјановски, директор на здравствениот дом Скопје.
Со подготовки на теренот за поставување и опремување на спортската сала на средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ Битола се подготвува да биде регионален центар за масовно вакцинирање.
“Кога ќе започне имунизацијата не зависи само од нас, зависи и од тоа како ќе биде организиран медицинскиот персонал, но многу масовно ќе ја имаме имунизацијата и во нашиот регион. До сега имунизацијата ја вршеше само здравствениот дом во Битола каде се имунизираа над 1000 граѓани” – вели градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.
Во тек е подготовка на спортската сала Билјанини Извори во Охрид каде наскоро ќе започне масовна имунизација на жителите од овој регион. Во салата се подготвуваат 28 вакцинални пунктови, на кои дневно е во план да се вакцинираат над 1500 граѓани.
Нина Стефанова
