Ковид19 Најважни

ЕМА: Можна поврзаност меѓу вакцината на Астра Зенека и редок вид згрутчување на крвта

Европската агенција за лекови (ЕМА) попладнево соопшти дека била утврдена можна поврзаност меѓу вакцината на Астра Зенека против Ковид 19 и ретката форма на згрутчување на крвта која се појавува кај некои луѓе кои биле имунизирани, но сепак препорача продолжување на нејзината употреба, оценувајќи дека придобивките од неа се многу поголеми и позначајни од ризикот.

“Како прво, сакам да кажам дека нашиот безбедносен комитет потврди дека придобивките на вакцината на Астра Зенека за спречување на Ковид-19 ги надминуваат ризиците на несаканите ефекти. Ковид 19 е многу сериозна болест со високи стапки на хоспитализација и смрт и секојдневно Ковид се уште предизвикува илјадници смртни случаи ширум ЕУ. Оваа вакцина се докажа како многу ефективна. Спречува тешка болест и хоспитализација и спасува животи” – вели извршната директорка на ЕМА, Емер Кук.

Европскиот регулатор ги опиша тромбовите како многу ретки несакани ефекти од вакцината.

Според ЕМА, најголем дел од случаите биле потврдени кај жени под 60 годишна возраст, во период од 2 недели по вакцинирањето, но врз основа на расположивите докази не може да се прецизираат конкретни ризик фактори.

Анализирани биле 86 случаи на згрутчување на крвта од Обединетото Кралство и европските земји, каде повеќе од 20 милиони луѓе досега беа вакцинирани со Астра Зенека.

“Врз основа на расположивите докази, спефичните фактори на ризик како возраста, полот или претходната историја на згрутчување на крвта не можевме да ги потврдиме како причина, затоа што овие ретки настани ги гледаме кај мажи и жени и тоа од сите возрасти. Можно објаснување за овие ретки несакани ефекти е во имунолошкиот одговор на вакцината, што доведува до состојбата која е слична на онаа која понекогаш се среќава кај пациентите лекувани со хепарин. Тоа се нарекува тромбоцитопенија предизвикана од хепарин” – оцени Кук.

Необичните случаи на згрутчување на крвта ќе бидат наведени како можен несакан ефект од вакцината, одлучи европската агенција за лекови, која сепак не воведе ограничувања на возраста на луѓето кои треба да се имунизираат со Астра Зенека.

Такво ограничување денеска воведе Обединетото Кралство , чии жители масовно досега се вакцинираа со Астра Зенека и со чија помош успеаја да воспостават контрола над пандемијата.

На денешниот брифинг, извршната директорка на британската регулаторна агенција, Џун Раин, најави дека на луѓето под 30 годишна возраст ќе им биде понудена друга опција за вакцинирање, како Фајзер или Модерна.

Сепак, заклучокот е ист, вакцината на Астра Зенека спасува животи и нејзината употреба треба да продолжи.

“Нашата анализа го зацврсти ставот дека ризикот од овој редок можен несакан ефект, останува екстремно низок. До 31-ви Март и дадени повеќе од 20 милиони дози, пријавени се 79 случаи, вклучувајќи ја и таа дата. Сите 79 случаи се појавиле по првата доза. Од овие извештаи, ризикот од ваков редок вид на згрутчување на крвта е околу 4 луѓе во милион кои ја примиле вакцината” – посочи извршната директорка на британското регулаторно тело, Џун Реин.

Европските земји во моментов имаат сосема различен пристап во однос на употребата на вакцината на Астра Зенека.

Во Франција, оваа вакцина треба да им се дава само на луѓето над 55 години. Во Германија, над 60 и групите граѓани со висок ризик.

Норвешка, која не е членка на ЕУ и Данска целосно го суспендираа вакцинирањето.

Во Германија пак, луѓето помлади од 60 години кои ја примиле првата доза од Астра Зенека, втората треба да ја примат од различна вакцина.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ОН предупредува: Војната во Украина е „посмртоносна од кога било досега“

Kristina Kuzmanovski

Трамп: За неколку недели САД ќе прогласат победа над Иран

Kristina Kuzmanovski

Мицкоски: Владата е пред чекор на решение самата да го гради Чебрен и Галиште- проектот би чинел 1,5 милјардa евра

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе