Ковид19 Македонија Најважни

За една недела 263 починати

Македонија ги регистрира најцрните статистики од почетокот на пандемијата со корона вирусот, со повеќе од 21.500 активни случаи во моментов и 3.905 починати, од кои 263 во изминатите седум дена. Но засега и без нови рестриктивни мерки. Додека бројките го достигнуваат плафонот молк од Комисијата за заразни болести, Кризниот и Главниот штаб за справување со пандемијата, но и на повиците на лекарите со нови мерки да се намали притисокот врз болниците и смртните случи, бидејќи предвидувањата се дека третиот бран својот пик би го достигнал кон средината на месецов. 

263 починати за само седум дена. Тоа е она што треба да се знае за третиот бран на коронавирусот во земјава кој ги преполни болниците, ги крена бројките од пандемијата, но не ги засили мерките, не ги испразни угостителските објекти и моловите и не ги попречи политичарите во нивните агенди. Очекувањата на лекарите кои секојдневно ја следат пандемијата и извештаите на епидемилозите се дека третиот бран може да го достигне пикот со новозаболени за десетина дена.

„За жал бројот на смртни случаи одат едно две недели го достигнуваат пикот на новозаразените, а тој може и да се искалкулира и од бројот на хоспитализирани, така што тој пик на смртни случаи ќе го очекуваме некаде на крајот од април и тогаш ќе почне и тој да паѓа. Значи прво очекуваме да почне да паѓа бројот на нови случаи, а потоа, по едно две недели и бројот на смртни случаи. Така што овој број, кој е навистина многу загрижувачки, сега во моментов не може да го спречиме, барем за следните две недели, ако не се преземат некои мерки“, вели д-р. Пановски.

Во моментов во ковид-центрите во земјава за здив се борат 1.739 лица, а за само седум дена како позитивни се потврдени 7.910 лица, но нови мерки нема. Пред само неколку дена здравствените власти соопштија дека вирусот е толку раширен што нови мерки не би дале никаков резултат. Д-р. Пановски не го дели тој став.

„Ако се човечките животи на прво место никогаш не е доцна. Инаку факт е дека требаше да се преземат најмалку месец дена порано или барем две недели порано. Се знаеа предвидувањата. За жал не се преземаа. Никогаш не е доцна, меѓутоа еве и овој викенд помина“,  вели д-р. Пановски.

Телма се обиде денеска да го исконтактира претседателот на Комисијата за заштита од заразни болести  д-р. Жарко Караџоски, со прашање дали се размислува за нови мерки за да се намали ударот на третиот бран, но безуспешно. Караџоски не одговори на нашите телефонски повици и СМС пораки, па извесно е дека плановите за справување со третиот бран од пандемијата остануваа во неговата глава, како што тој самиот изјави на последната прес-конференција на Комисијата за заразни болести пред три недели.

„Ја во глава имам сценарио, А, Б,Ц, Д…“, изјави тогаш д-р Караџоски.

Но освен од Комисијата молк и тоа константен има и од Кризниот и Главиот штаб за справување со пандемијата. Од Министерството за здравство пак за Телма велат дека Комисијата секојдневно е во комуникација и координација и ја следи состојбата, но оти засега на сила остануваа т.н. балансирани мерки. На прашањето, зошто нема нови мерки, од таму велат дека се направени споредби со резултатите од земји во кои што имало многу построги мерки, кои и покрај тоа се соочиле со силен бран од новозаразени.

„Земјите што воведоа карантини и полициски часови, многу построги од нашите, во овој трет можеби досега најсилен бран, повторно не дадоа резултати, односно бележат пораст на заразените“, наведуваат од Министерството за здравство.

Но лекарската фела не го дели овој став. Лекарската комора од Комисијата уште пред две недели побара дополнителни мерки и протоколи, а д-р. Пановски, смета дека и постојните не се почитуваат.

„Рестораните и додека гледам кафиќите колку се полни секаков апел и секакви мерки се беспредметни, кога гледаме што се случува и каде се собираат луѓето. Го гледаме тоа, не нешто скришно. Се гледа дека од 30 до 40 години е најголемото ширење, се знае каде се прави ширењето. Не се преземаат мерки, што друго да ви кажам“, вели д-р. Пановски.

Комисијата, но и надлежните до денеска остана глува на апелите од лекарите.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сиљановска-Давкова го поздрави нон пејперот што го иницираа Мерц и Макрон

Kristina Kuzmanovski

ОН предупредува: Војната во Украина е „посмртоносна од кога било досега“

Kristina Kuzmanovski

Трамп: За неколку недели САД ќе прогласат победа над Иран

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе