Франција и Полска воведоа од денеска делумни локдауни додека двете земји се борат против драстичен пораст на бројот на позитивни случаи од Ковид -19 во последните неколку недели.
Околу 21 милион луѓе во 16 региони во Франција , вклучувајќи го и Париз, се опфатени со најновите рестрикции а земјата стравува од третиот бран на пандемијата.
Со новите мерки, Парижаните и жителите на северна Франција може да пешачат колку сакаат, во радиус од 10 км од своите домови и со дозвола од полицијата.
Најголем дел од продавниците со производи кои не се неопходни, се затворени, со исклучок на книжарниците, а забрането е и патувањето меѓу регионите. Владата ги објаснува мерките како неопходни за забавување на ширењето на вирусот, без притоа да се затвораат луѓето.
“Мерките не беа јасни и затоа сите сме по малку изгубени, не знаеме дали затворањето беше корисно и дали ова ќе смени било што, затоа сме малку загубени” – вели една млада жителка на Париз.
“Подобро е луѓето да пешачат надвор или да вежбаат отколку да седат во становите, крајно загрижени. Уште повеќе , пролетта е блиску и времето започнува да се подобрува. Доколку го почитуваме растојанието, мислам дека вака е подобро од претходно” – додава еден повозрасен жител на Париз.
Во Полска, сите продавници кои не работат со неопходни производи, хотелите, културните и спортските објекти сега нема да работат во период од 3 недели.
Оваа држава се соочува со најголемиот број нови Ковид случаи од почетокот на ноември.
Бројот на ново заразени исто така експоненцијално се зголемува и во Германија, поради што канцеларката Меркел предупредува дека голема е веројатноста дека државата ќе мора да примени вонредни мерки и повторно да ги врати на сила најострите мерки на локдаун.
Европската унија се соочува и жестоки критики заради бавниот процес на имунизација на своите граѓани. Спорот околу вакцината на Астра Зенека само дополнително ги зголемува проблемите. Иако Европската агенција за лекови соопшти дека вакцината е безбедна и ефективна, некои земји и натаму се колебаат да продолжат да ја користат.
Германија, Италија, Франција, Шпанија и Холандија се меѓу државите кои продолжија да ги имунизираат своите граѓани.
Сепак, Шведска, Данска и Норвешка соопштија дека им треба повеќе време да одлучат дали треба да продолжат со вакцинирањето со Астра Зенека.
Никола Илиевски