Законот за попис само што не влегол во правниот поредок. Со ставањето потпис, претседателот Стево Пендаровски ја заокружи процедурата на потпишување укази, па останува само објавувањето во Службен весник.
Шефот на државата потврди дека имал консултации со правни експерти. Сега очекува „процесот да не се политизира, а добиените резултати да бидат од корист за севкупниот развој, со што ќе се овозможи формулирање долгорочни стратегии во виталните области во државата“.
ВМРО ДПМНЕ го пречека ова соопштение со остри пораки – за претседателот, кого го смета за вазал на премиерот, како и за самиот попис, што го нарекува „политичка операција со извесен резултат“.
-Пендаровски никако да испадне од сенката на Заев. Пред еден месец, тој бараше консензус околу Законот за попис, а сега „се посипа со пепел“. Знае дека оваа криминална власт целосно ја игнорираше опозицијата, не прифати ниту еден амандман, не сака да воведе терминали за отисок на прст и нема време да се спроведе овој попис. Гледа ли Пендаровски дека десетици држави во Европа ја откажаа оваа операција? Дали му е грижа за здравјето на граѓаните? Покрај Заев, и тој ќе понесе одговорност за пропаѓањето на пописот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Пописот е премногу важен за развојот на државата за да се прекине поради политичките хирови на Мицкоски, велат од СДСМ. Потсетуваат дека кога ќе имаме реална слика од теренот, ќе може да се креираат мерки и политики според вистинските потреби на народот.
По 19 години, пописот треба да се спроведе од 1 до 21 април. Преку матичен број, ќе се попишуваат државјаните кои имаат живеалиште или престојувалиште во земјава, без оглед дали во моментот се тука или во странство, како и нивните домаќинства и станови.
Недавањето информации повлекува парична казна од 200 до 300 евра. ВМРО ДПМНЕ не повика на бојкот, но најави непризнавање на резултатите и собирање потписи за поништување на законот за попис.
Соња Николовска