Специјалниот пратеник Владо Бучковски денеска отпатува за Софија каде ќе има средба со вицепмиерот Каракачанов.
Која е агендата, колку дена ќе трае посетата, со кого ќе има средби од МНР и Владата без прецизни информации освен дека ќе има средби со претставници на Република Бугарија на повеќе нивоа.
Официјални информации нема ниту околу Анексот на Договорот за пријателство кој содржел 12 точки а за кој бугарскиот вицепремиер кажа дека го испратил до Владата. Шефот на дипломатијата Бујар Османи, соопшти дека сеуште нема одговор на нон пејперот кој Бучковски го достави на премиерот Борисов при последната посета на Софија.
Бугарскиот министер за одбрана и вицепремиер Красимир Каракачанов продолжува во свој елемент со жестоки и навредливи изјави, далеку од секаков дипломатски вординг, со кои изнудува реакции кај граѓаните во Македонија кои потоа со колешката Захариева ги посочуваат како говор на омраза.
За Каракачанов проблемите не се меѓу Македонија и Бугарија туку меѓу Македонија и Европската унија.
Денеска тој изјави дека во Македонија има див менталитет од 19 век и дека македонскиот идентитет е создаден од Коминтерната и Тито
Во отсуство на информации од Владата и МНР, мора да се нагаѓа што точно содржи анексот на договорот за пријателство и кои се 12 точки.
Од вчерашната изјава на Каракачанов може да се види дека дел од барањата се исти со оние од ноември минатата година кои беа категорично одбиени од македонската страна.
Промена на учебниците, откажување од територијани, идентитетски и историски претензии кон Бугарија, откажување од македонското малцинство во Бугарија но и прифаќање на бугарско потекло на македонскиот јазик.
Опозициската ВМРО – ДПМНЕ со обвинувања дека Владата води тајни преговори со Бугарија.
Кога станува збор за Анексот на Договорот за пријателство, претседателот Стево Пендаровски децидно изјави дека нема да биде потпишан и дека никој никогаш нема да преговара за македонскиот јазик и идентитет.
Огнен Чанчаревиќ