Законскиот рок од 20 денови истече, но граѓаните чии пари беа блокирани со затворањето на „Еуростандард банка“ се уште чекаат исплата. Се чека пречистениот список кој беше на проверка и кај стечајниот управник Душко Тодевски. А исплатата која требаше да започне на почетокот од месецов најверојатно ќе се пролонгира најмалку до средината на септември. Заглавени се пари на над 100.000 сметки на граѓани, од кои најголем дел беа на пензионери, социјалци како и вработени кои земале плата преку банката. А до сега требаше да се исплатат вкупно 72 милиони евра на над 136.000 граѓани на кои им се блокирани парите од примањата од минатиот месец и на тие кои имале заштеди до 30.000 евра. Стечајниот управник Тодевски денеска е недостапен да одговори каде закочи работата. Од Фондот за осигурување на депозити велат го чекаат списокот.
Денеска истекуваат 20 дена од законскиот рок за отпочнување со исплатата. Согласно Законот за осигурување депозити во исклучителни околности рокот се продолжува. За исклучителни околности се сметаат ненавремено доставување на списокот. Во моментов ние очекуваме да го добиеме списокот во секој момент дали денес или утре и за неколку дена Фондот ќе излезе со известување во јавноста од кога ќе почне исплатата. Откако ќе го добиеме списокот ние треба 4 дена пред исплатата да го испратиме списокот до банките, изјави Борче Хаџиев, директор на Фонд за осигурување на депозити
Од Народната банка пак информираа дека денеска го доставиле списокот до Фондот.
Вчера пак здружението кое ги застапува 780-те штедачи со депозити над 30.000 евра, кои износот над таа сума треба да си го побараат од стечајната маса, остварија средба со премиерот Заев. Велат средбата била коректна и ќе се разгледаат нивните барања. Побараа поддршка и од политичките партии и нивната мака да не се користи за меѓусебни обвинувања.
Премиерот Заев не увери дека сите предлози ќе бидат разгледани од страна на институциите и дека ќе се бара решение се со цел да не трпиме последици ние граѓаните и фирмите.“, велат од Здружение на оштетени штедачи на ЕСБ
Според Фондот овие 780 граѓани треба да чекаат речиси 23 милиони евра од стечајната маса. Тоа е износот кој надминува 30.000 евра, сумата која целосно се обештетува. Едно од барањата на Здружението е и кривични пријави за ченовите на банката кои допринеле за нејзино пропаѓање, како и замрзнување на нивниот имот.
Понеделник пак истекува и рокот во кој доверителите треба да си ги пријават побарувањата од Еуростандард до стечајниот управник. Покрај штедачите со заштеди над 30.000 евра тука се и над 2.000 компани кои парите од Еуростандард треба да си ги бараат од стечајната маса.
Александра Филиповска