Вести Македонија

Ахмети сведочи пред косовскиот суд за воени злосторства- дојде со обезбедување и со придружба

Од рано сабајле до доцна попладне, целодневно сведочење ја пополни денешната агенда на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Пристигнал утрово во Приштина, во централата на Еулекс каде ќе се изврши распитот од страна на претставниците на обвинителството за воени злосторства на Косово. Во друштво на обезбедување и со ауди со тетовски таблички.

-Тој дојде со автомобил, со автомобил на кој има регистарски таблички со ознака на Тетово и во друштво на луѓе од партијата ДУИ, изјави за Телма Бесник Тахири, новинар на ТВ Клан-Косово.

Првиот потпретседател на македонската влада и министер за политички систем Артан Груби е со Ахмети во Приштина, каде вечерва ќе остварат и повеќе средби, ни потврди Груби.

-Претседателот Ахмети е во Приштина каде се одвива интервјуто со претставници на Специјалното обвинителство на Косово како сведок за неговата улога како оснивач на ОВК и Народното Движење на Косово. Интервјуто започна денес во 09:30 часот во Приштина и се очекува да заврши попладнево.  Веројатно ќе продолжи утре за да заврши попладне и потоа ќе се врати во Скопје, стои во писмената изјава на Артан Груби. 

Ахмети е повикан во рамките на истрагата за потврдување на обвинението за воени злосторства поднесено против косовскиот претседател Хашим Тачи , но и против поранешниот претседател на косовскиот парламент. Планот бил Ахмети да сведочи во Хаг, но потоа е сменето и локацијата на интервјуто е ЕУЛЕКС во Приштина.

-Обвинителството го гледа (Ахмети) како основач на Ослободителнатa војска на Косово (ОВК) и сметаат дека тој има многу информации затоа што е инволвиран во функционирањето на ОВК со години. Ќе биде распрашан само и исклучиво за работи поврзани со обвинителниот акт поднесен против претседателот на Косово Хашим Тачи и против поранешниот спикер на Парламентот Кадри Вејсели. Колку што знаеме ќе го испрашуваат за тоа какви информации и врски знае тој за кариерите во ОВК на  Тачи и Вејсели, вели Бесник Тахири, новинарот на косовската ТВ Клан.

Детали засега не се откриваат, бидејќи станува збор за тековна истрага, објаснија за Телма од обвинителството за воени злосторства.

Централата на ова косовско обвинителство и специјалниот суд се наоѓа во Хаг со цел да се избегне притисок од јавноста во Косово, но и да се заштитат сведоците.

Обвинителството не прецизира во каква улога ги кани оние што треба да дадат искази, но Ахмети тврди дека е поканет како сведок со покана која ја доби додека во Македонија се одвиваше изборната кампања.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

МОН ги известило училиштата неработните денови да бидат одработени во саботи

Дејан Дејан

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 18.04.2024

Дејан Дејан

Претседателски избори – изборна хроника 18.04.2024

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе