Според планот, денеска е првиот ден кога со решение на Народната банка стечајниот управник влегува и ја презема централата на Еуростандард. И додека клиентите на пропаднатата банка чекаат реализирање на своите права и грижа за нивните пари, внатре во централата сите функции се одвиваат под контрола на претставници на НБМ, дури и сметот го изнесуваат вработени од централната банка.
И папките и регистрите со податоци за финансиското работење на Еуростандард се заштитени со ленти со ознаката на Народната банка за да не се допираат и земаат се до доаѓањето на стечајниот управник во централата на банката која сега е во стечај. Денеска според планот за работа е првиот ден кога стечајниот Душко Тодевски влегува во централата за да почне да ги прегледува документите.
Изминатите три дена тој постојано бил во Народната банка и прибирал информации оттаму за причините и билансите поради кои беше одземена дозволата за работа. Веднаш по прогласувањето стечај, контролата и обезбедувањето на централата на Еуростандард премина во рацете на Народната банка. Никој од оние што се избрани да доаѓаат на работа во Еуростандард не смее да изнесе ништо од внатре без дозвола и знаење на надлежните служби за обезбедување. Дури и за изнесување на сметот одвнатре се ангажирани хигиеничарки и чистачки од НБМ.
Избрани се 4 банки кои треба да ги исплатат депозитите на штедачите кои имале влог до 30 илјади евра во Еуростандард. Таа постапка тече и списокот се изготвува за да има брза исплата преку Фондот за осигурување на депозитите. Проблем остануваат 780 штедачи кои имаат поголеми влогови од 30 илјади и разликата „над“ ќе треба да си ја бараат преку стечајната постапка. Овие штедачи се организираа и преку јавна објава бараа свој стручен претставник во телото кое ќе одлучува за нивните пари.
Соопштение од 780 штедачи со повисоки влогови од 30.000 евра во Еуростандард: Ние сме дел од 780 штедачи на Еуростандард банка кој за својата судбина т.е. за обештетување на своите средства ќе мора да се потпрат на правилноста и функционалноста на нашиот систем и стечајните постапки како такви. Впрочем функционирањето на истиот тој систем не доведе и до оваа состојба за свои тешко спечалени пари да одлучува некој друг.
Стечајниот управник го чекаат и граѓаните кои исплаќаат рати по кредити во Еуростандард, но и фирмите кои имаат свои сметки и пари во пропаднатата банка. За нив важат други правила, парите ќе влезат во стечајната маса и ќе се бараат преку суд, но тоа ќе почне дури откако стечајниот управник Тодевски ќе ги повика носителите на сметки и кредити. Исто така во негово присуство ќе се отвараат и сефовите кои граѓаните ги имаат закупено во Еуростандард банка, која сега е во стечај. И денеска девети ден по одземањето на дозволата, во централата и натаму доаѓаат клиенти на пропаднатата банка и бараат информации за своите права и пари- но одоговорот на службит е дека сега се е во рацете на стечајниот.
Миомир Серафиновиќ