20 години од влезот на НАТО на Косово

Најубавата работа која ми се случила по 19 години откако ја напуштив Белата Куќа беше кога еден албански келнер ми пријде во хотел во Њујорк, клекна, ми ги бакна рацете и ми се заблагодари за она што го направив за Косово – возбудено изјави поранешниот американски претседател Бил Клинтон на церемонијата на плоштадот Скендербег во Приштина. Тука денеска се слави 20-годишнината од влегувањето на силите на НАТО во Косово. На Клинтон му се допаѓа албанскиот народ, и рече дека овој народ му е потребен на Америка, но сепак до политичарите испрати порака дека на младите треба да им се даде шанса да ја изградата својата иднина во татковината. За неговата одлука НАТО да интервенира во СР Југославија во 1999-та и да го отвори патот за независно Косово, беше одликуван со почесен орден.

Мислам дека светот денеска, со сите негови превирања, може да гледа во Косово пример за демократија и посветеност да се подобри, да расте и да живее во мир со своите соседи, нешто што секоја земја голема или мала треба да го прави – и внатре и надвор од своите граници, изјави Клинтон.

Почесен орден доби и поранешниот државен секретар на САД, Медлин Олбрајт, која заедно со Клинтон и неколку политички лидери беа главните поборници за интервенцијата на НАТО силите. „Војната во Косово беше судир со варварските злосторства врз цивилното население. Најбитно е што успеавме – нашата кауза беше праведна, рече таа.

Горда сум за она што го наравивте и направивме за да се случи ова. Никогаш нема да  заборавам кога дојдовме во Приштина брзо откако војната заврши, имаше многу луѓе и транспаренти на кои пишуваа „Благодариме САД“. Мислам дека САД ја сторија вистинската работа да им помогне на луѓето во Косово да ја добијат својата слобода, изјави Олбрајт.

Со орден беше одликуван и поранешниот командант на НАТО во Европа, Весли Кларк кој ја раководеше акцијата на НАТО против СРЈ. 78-дневното бомбардирање на Србија заврши на 9 јуни 1999-та кога во Куманово беше потпишан Воено-технички договор меѓу НАТО и југословенската војска и полиција, а три дена подоцна копнени сили на Алијансата влегоа во Косово и ја востановија меѓународната воена мисија КФОР, која и денеска го чува се уште кревкиот мир на Косово.

 Алиса Шутионска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ