Вон го забележа 80. триумф во СК, му се приближува на Стенмарк

Линдзи Вон ја забележа 80. победа во кариерата во Светскиот куп на спустот што се возеше во германскиот скијачки центар Гармиш Партенкирхен. За третиот триумф сезонава или вкупно 41 во најбрзата дисциплина, 33 –годишната Американка извозе за две стотинки побрзо од второпласираната Италијанка Софиа Гоџиа и 13 стотинки од Австријката Корнелија Хојтер на третата позиција.

Вон е рекордерка по бројот на победи во сите дисцплини кај дамите, и сега е малку поблиску до апсолутниот рекорд од 86 победи во сопственост на легендарниот Ингемар Стенмарк од Шведска.

По шест трки во спуст од денеска Гоџиа е лидер со 349 бодови, пред Вон со 306 и Тина Вајратер од Лихтенштајн со 298 бодови.

Нема промени на врвот во Генералниот поредок. Американката Микаела Шифрин е убедливо прва со 1513 бода. Швајцарката Венди Холденер е втора со 842, на третата позиција е Словакињата Петра Влхова со 754 бодови.

На шест дена пред стартот на Олимписките игри во Пјонгчанг, најдобрите скијачки, утре ќе извозат уште еден спуст во Гармиш Партенкирхен.

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ