Владата ќе земе кредит од 120 милиони евра за да се раздолжат општините

Кредит од 120 милиони евра ќе земе Владата и овие пари ќе им ги даде на општините, за тие да ги исплатат своите заостанати долгови, потврди денес премиерот Зоран Заев. Владата веќе донела таква одлука и сега ги чека понудите од банките со цел да обезбеди заем со најповолни услови, кој потоа ќе им биде префрлен на локалните самоуправи и тие ќе ги враќаат средствата, но на подолг рок, од околу 15 до 20 години. Се преговара главно со меѓународни финансиски институции, но и со домашни банки, кои може да влезат во игра доколку формираат конзорциум кој би дал конкурентна понуда.

„Очекуваме 2, 2 и пол, 3 отсто каматни стапки ќе ги сменат денешните 13 отсто затезни камати кои ги плаќаат општините за своите долгови. Ние веруваме дека на тој начин ќе ги растовариме општините, ќе им дадеме ветер во грб, но битно е што овие пари ќе мстигнат и до домашните компании на кои им должат општините, па истовремено сме свесни дека парите ќе се искористат за нови инвестиции во земјава“, рече премиерот Зоран Заев.

Долгот на општините од околу 120 милиони евра, над 95 отсто е кон домашните компании, кои работеле за сметка и во име на општините. Меѓу најголемите должници се Охрид со 11,7, Тетово со 8,1 и Карпош со 7,7 милиони евра.

Владата најавува и дека штом општините се оспособат, некаде до крајот на годинава, ќе им се пренесат околу 100 милиони евра капитални инвестиции од државниот буџет кои сега ги распределува централната власт, за тие самите да ги користат за изградба на училишта, градинки, здравствени домови, домови на културата, управување со шумите и земјоделско земјиште, изградба на локални и регионални патишта, со цел од локално ниво, подобро и потранспарентно да им се даваат услуги на граѓаните. Се размислува дури и социјалната помош да се дели преку локалните власти, бидејќи тие најдобро знаат на кои ранливи категории парите им се најпотребни.

Со ова всушност целосно ќе се спроведе Законот за рамномерен регионален развој, вели премиерот.

Како уште еден чекор кон натамошна децентрализација се смета и фактот што денес ЗЕЛС го доби правото на трајно користење, управување и одржување на информацискиот систем преку кој електронски се спроведуваат сите постапки за отуѓување и давање под закуп на државно градежно земјиште по пат на јавно наддавање или преку непосредна спогодба, за што потпишаа договор со Министерството за транспорт и врски.

„Приоритет на ЗЕЛС е сите општини да ги исполнат условите за неизградено градежно земјиште и самите да ги спроведуваат постапките во овој систем, како една од придобивките во процесот на децентрализација“, рече скопскиот градаоначалник, Петре Шилегов.

Досега овој систем го користат 45 општини, но заложба на ЗЕЛС е во блиска иднина сите општини да ги исполнат условите самите да управуваат со градежното земјиште.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ