Зошто младите се иселуваат од Македонија - за љубов или за пари?

7 January, 2016 - 18:32

Организацијата на иселените Македонци и професорката Тања Каракамишева се судрија околу нејзината теза дека младите од земјава се иселуваат поради невозвратена љубов, а не затоа што немаат работа и дека во странство потоа живеат тежок живот, работејќи се и сешто и одвај врзуваат крај со крај.

Овие наводи професорката ги изнесе во нејзината колумна во весникот Дневник, на што реагира Обединетата македонска дијаспора.

Сметаат дека пишувањето на Каракамишева ги навредува сите Македонци низ светот. Нудат на увид листа на успешни Македонци кои имаат свои кариери и се познати во многу подрачја.

Во реакцијата стои дека организацијата длабоко жали за потребите и мотивите поради кои госпоѓата одлучила да се обиде да ја навреди и понижи македонската дијаспора пред најголемиот христијански празник.За да утврди дали Македонците надвор живеат мизерно или не ја упатуваат професорката да се обрати кај премиерот и кај Народната Банка на Репулбика Македонија.

Таму може да добие комплетен увид на тоа колку пари иселениците испраќаат кај своите блиски во Македонија. Претседателот на организацијата, Мето Колоски смета дека главната причина за иселувањето од Македонија е потрагата по работа и подобар живот.

Во својата реакција, професорката Каракамишева оценува дека се прави класичен манипулативен политички спин на колумна која има многу подлабока порака од онаа што спинерите сакаат да ја претстават.

“Жално е што не постои елементарен обид за проникнување во нејзината суштина, во поентата на денешното оттуѓување од духовните и традиционални вредности, од значењето на домот, и семејството. Сатанизирањето на мојата личност преку извртување на вистината содржана во текстот е дел од поголемата политичка хајка која подолго време се води против мене” –подвлекува во својата реакција Каракамишева.

Таа ги повикува "критичарите" внимателно да ја прочитаат целата колумна, а не само делчињата што им се сервирани од домашните дежурни политички спинери.

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.