Живот со дијабетес во Македонија

14 November, 2017 - 21:47

Секој 9-ти Македонец живее со дијабетес, но и во постојан страв дали ќе најде инсулин после 10-ти во месецот. Дијабетичарите се сомневаат во неговиот квалитет. Прашуваат зошто не добиваат сертификат за терапијата. Ели Секуловска последиците од воведувањето паралелен увоз на лекови, ги почувствувала на своја кожа. 25 години е дијабетичар, и сведок дека последните три години се најлоши за оваа катерогија граѓани. Терапијата и го влошува здравјето. Имала прилика инсулинот да го купи во странство и да го спореди со оној што е достапен во македонските инсулински аптеки.

Дијабетичарите најмногу им се лутат на лекарите. Велат, изминатите неколку години ги штителе само лични интереси, а не интересите на пациентите. Ја премолувале неправдата, со што дозволиле проблемите да се наталожат и продлабочат.

Покрај квалитетот на терапијата, загрижува и порастот на деца со дијабетес. Месечно има по два нови случаи, а Македонија нема национална статегија за справување со болеста.Прашање е и дали земјата има доволно пари да обезбеди квалитетен инсулин. Сето ова денеска дијабетичарите го адресираа до заменик-министерот, бидејќи министерското столче во здравството се`уште е празно. Заменикот Чакаровски  им вети, проблемите ќе ги надминат, министерството ќе ги провери отворените сомнежи околу квалитетот на инсулин.

Новото раководство на ендокринологија пак се фокусира на потребата од воведување мерки за превенција, особено за спречување дијабетес во бременоста.

Во Македонија со дијабетес живеат околу 200 илјади граѓани. Во светот пак, дијабетес имаат околу 450 милиони луѓе. Две третини од нив се од земји со ниски или средни примања. Проценките се дека 4 милиони луѓе годинава починале заради компликации од дијабетесот. 

Весна Дојчиновска Јовановска

Веста е прочитана 1002 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.