Владата одлучува за надомест на штетите на земјоделците од градот

16 June, 2017 - 16:36

Претходната Влада не само што на земјоделците не им ги исплатила штетите од временските непогоди за цела 2016 и за половина од оваа година, туку не ги ни внела како мерки во програмата за директна поддршка на земјоделството, кои би биле основ за надомест. Станува збор за сите загуби кои ги претрпеа производителите лани, но и од смрзнувањето на овошните насади во април оваа година. Новата Влада, за сите претходни штети, заедно со оние од поплавите во тетовско и последните пред два дена кога градот уништи големи количини земјоделски култури, ги направила потребните измени во програмата, со што исплатите ќе бидат откочени.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, за Телма вели дека на денешната седница на Владата ќе одлучува за обесштетување.

„Ќе побарам од Владата заклучок со кој ќе бидам овластен да формирам комисии кои ќе ги обработуваат барањата на граѓаните. Тие ќе можат од понеделник до 30 јуни во сите подрачни единици на МЗ, да ги поиднесуваат своите барања за штети, и комисиите веднаш ќе излезат на терен“, вели Николовски.

Земјоделците велат дека не ги осигурале посевите, бидејќи, велат, осигурителите не ги исплаќаат штетите. Директорот на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Климе Попоски, ги повика оние кои платиле премии, а имаат проблеми со осигурителните куќи, тоа да го пријават во Агенцијата, а таа ќе преземе мерки.

За проблемот со очекуваните помали приноси од пченицата, Николовски веќе имал средба со земјоделските здруженија, а за утре е најавен состанок и со мелничарите.

„За жал донесена е одлука од претходната Влада токму во овој период да се испразнат државните резерви, продадени се 21 илјади тони пченица по двојно пониски цени од тоа што е набавено, сето тоа може да ја симне цената на пченицата“, вели Николовски.

Тој уверува дека Владата будно ја следи состојбата и доколку е потребно, ќе ги преземе сите мерки согласно законите.

Новата Влада досега исплатила 439 милиони денари за земјоделски субвенции, а пред неколку дена ја отстранила законската кочница, која, вели Николовски, ја наметнала претходната власт, а таа е сите земјоделци што и должат на Управата за јавни приходи, да не можат да добијат субвенции. Се уште не им се исплатени субвенции на тутунарите,поради претходната неажурност да се внесат податоците за оние кои не се должници за надомест на вода, во системот на Платежната агенција, пропуст кој набргу ќе биде исправен. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 2053 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.